За Али нема конкуренција: На следните избори ќе освоиме 200.000 гласа
Али Ахмети е старо-новиот претседател на ДУИ. Сите 657 делегати присутни на денешниот трет конгрес на партијата одржан во Тетово, едногласно и јавно го изгласаа единствениот претседателски кандидат. Во својот полчасовен говор, Ахмети се осврна на досегашното 12 годишно постоење на партијата, кое го слават денеска, на изборните резултати и нивните идеи и визии, од кои како што рече, не отстапуваат.
“Сега сме во 21 век, време кога треба да работиме на помирување и зближување. Остануваме на нашите заложби, земјата да влезе во ЕУ и НАТО, оти тие се темелите за сигурноста и напредокот во нашиот заеднички дом. Не отстапуваме ниту од нашите идеи, за консензуален претседател и за тоа на чело на една од трите најважни државни функции да застане Албанец. Тоа нема да ја наруши довербата, туку повеќе ќе ја зголеми”- изјави Ахмети.
На денешниот конгрес беа усвоени партиската програма и измените во статутот, со кои меѓу другото се предложи Генералниот совет и Претседателството да добијат повеќе членови. На денешниот конгрес на ДУИ немаше гости, оти тој беше изборен. Во партијата најавуваат нов, четврти конгрес за неколку месеци, кој ќе биде тематски и на кој ќе се расправа за политиките и стратешките цели на партијата.
Ахмети со порака и до Заев и опозицијата - вели местото им е во Собранието, а тој не гледал образложение зошто опозиционерите ги вратиле мандатите. Првиот интегративец повтори дека последната победа на ДУИ е историска, но тргна и во нова изборна камапања. На следните избори Ахмети побара поддршка од 200 000 гласа. ДУИ го избра и највисокиот партиски орган – Централното собрание.
05.06.2014 - 23:08
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа