БРАВО Македонија - еве колкава помош пративме во Србија и Босна и Херцеговина
Maкедонците уште еднаш ја покажаа својата хуманост и им пружија огромна поддршка на граѓаните од Србија и Босна и Херцеговина кои беа погодени од поплавите.
Во неколку акции во земјава се собираа храна, облека, средства за лична хихиена, флаширана вода, а во меѓувреме преку отворени телефонски линии се донираа и парични средства.
Црвениот крст на Македонија, денеска испрати преглед на хуманитарната помош која од Македонија пристигна во поплавените подрачја на Србија и БиХ.
ВКУПНО предадена хуманитарна помош за Србија и БиХ:
40 камиони - вредност : 18.036.410 денари/ 293.279 евра - 778.582 кгр.
(храна, средства за хигиена, вода, сок, бебешки пелени, постелнина, ќебиња, душеци, облека, обувки, гумени чизми, лопати, пумпи за вода и др.)
Македонските граѓани преку отворените линии на телефонските оператори 070/075/077, донирале вкупно 10.259.755,00денари, а преку уплата на жиро сметка на Фонд на солидарност биле 7.530.179,00 денари заклучно со 04.06.2014 година.
Од 18 до 31 Мај годинава, во магацините на Црвен крст во Скопје, биле ангажирани вкупно 690 волонтери кои придонеле со 7600 волонтерски часови посветени на собирање, пакување, истоварање, товарење на хуманитарна помош и други активности.
Во овој период, биле ангажирани и околу 500 волонтери во Општинските организации на Црвен крст ширум земјава, кои придонеле со 5500 волонтерски часови. Вкупно, во активностите учествувале: 1190 волонтери кои придонеле со вкупно 13.100 волонтерски часови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа