ДУИ денеска ќе избира претседател и Централен одбор
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска во Тетово ќе го одржи третиот изборен Конгрес. 675 делегати ќе изберат претседател и Централен одбор на партијата, а ќе биде усвоен и партискиот статут и програма.
Генералниот секретар на ДУИ Абдулаќим Адеми вели дека засега има еден кандидат за претседател на ДУИ, но, не е исклучена можноста денеска на конгресот од страна на делегатите да биде предложен некој друг бидејќи, подвлече, тие ја имаат таа можност според статутот и деловникот.
Адеми најави дека по денешниот Конгрес на ДУИ, за неколку месеци ќе се одржи уште еден на кој тематски ќе се расправа за политиките и стратешките цели на ДУИ, Албанците и државата.
- Конгресот што утре ќе се одржи во Тетово е трет по ред. Тоа ќе биде изборен конгрес на кој ќе бидат избрани претседателот и Централниот одбор на ДУИ, а ќе биде усвоен и статутот и програмата на партијата. За неколку месеци ќе имаме четврти конгрес што ќе биде тематски и на кој ќе се разговара за политиките, стратешките цели на ДУИ, Албанците и на државата. Утре ќе биде работен конгрес,а за неколку месеци следниот конгрес ќе биде тематски, изјави Адеми.
Тој најави и зголемување на бројот на членовите во две партиски тела Централниот одбор и Централното претседателство на ДУИ.
- Од Конгресот се очекува да се зголеми бројот на членовите на Централниот одбор на ДУИ од 75 на 81 член, а ќе се зголеми и бројот на членовите во Централното претседателство од 21 на 33, рече Адеми.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа