Катастрофалните поплави на Балканот ќе предизвикаат недостиг на струја
Светската банка денеска оцени дека катастрофалните поплави во земјите од Западен Балкан ќе доведат до забавување на нивниот економски раст, како и дека во следните шест месеци ќе се соочат со проблеми во снабдувањето со електрична енергија.
Повеќе од 50 лица загинаа при поплавите и лизгање на земјиштето во Србија, БиХ и Хрватска, предизвикани од дождовите, кои беа најпоројни во последните 100 години. Дождот доведе до зголемување на нивото на водата во реките и поплавување на патишта, мостови, обработливи површини и цели населни места.
Србија и БиХ беа најпогодени од природната непогода, а штетите се проценуваат на стотици милиони евра, што е огромен удар за нивните економии.
Производството на струја во Србија се намали за 40 проценти како резултат од десетдневниот прекин на работата на најголемата електроцентрала. Проблематично беше и снабдувањето со електрична енергија во БиХ, а помалку во Хрватска.
Според директорот на Светска банка за Југоисточна Европа, Елан Голдстејн, во текот на оваа година поплавите ќе предизвикаат намалување на економскиот раст, а најголем проблем ќе претставува снабдувањето на електроцентралите со потребното гориво поради поплавените рудници со јаглен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа