ФОТО: Градоначалникот на Битола ќе помогне на опожарениот „Мал Битолски Монмартр"
Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, стручна екипа од општинското комунално одделение и директорот на ЈКП Комуналец денес го посетија детското ликовно студио „Мал Битолски Монмартр“ каде што пред два дена во пожар изгоре првиот кат на објектот. Пламените јазици за само неколку минути проголтале стотици дестки творби и инвентарот во студиото. Гостите – учесници на овогодинешната детска ликовна колонија веќе пристигнаа во Битола од голем број земји од светот и во моментот се сместени и творат во Вила Дајмонд. Општина Битола со сите расположливи ресурси подготвена е да излезе во пресрет со цел беспрекорна реализација на најновото издание на Малиот Битолски Монмартр.
„Се информиравме на разни начини, зедовме и стручна екипа да видиме колкава е штетата. За жал тоа неможе толку брзо да се санира за денес целиот објект да се стави во функција и истиот нема да биде во функција додека трае манифестацијата. Според моите информации објектот е во план за реконструкција преку министерството за култура. Но, ние стоиме на располагање максимално да помогнеме за санација на овој објект кој е во срцето на Старата чаршија. Оваа манифестација е исклучително значајна и затоа стоиме на располагање да помогнеме и во текот на манифестацијата, бидејќи претпоставувам дека ќе излезат непредвидени проблеми заради новонастанатата ситуација. Сакаме да помогнеме оваа манифестација да протече во најдобар ред, а сите наши гости да имаат позитивни впечатоци за Битола и Република Македонија. Општината ќе помогне за се што е потребно. Исто така, испраќаме и стручна екипа од експерти во делот на комуналната инфраструктура и електроинсталацијата кои што ќе проценат што можеме да направиме интервентно за да можеме овој објект да го ставиме во функција“, изјави Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа