Еве каква е утрово состојбата во општината Ѓорче Петров

Во скопската општина Ѓорче Петров утрово е мирно, а сообраќајот се одвива непречено, по протестите што вчера започнаа по 17 часот, по убиството на 18-годишниот Ангел кое ја зави Македонија во црно.

Вкупно 27 лица се приведени по протестите во општина Ѓорче Петров организирани по убиството на матурантот. Од нив, 16 се приведени во полициската станица во Кисела Вода, а 11 во полициската станица во Карпош и по документирањето на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

- Досега нема пријавено повредени лица згрижени во ниту една болница, ниту пак имаме добиено некакви пријави за настаната поголема материјална штета, изјави синоќа портпаролот Иво Котевски.

Тој информира дека за време на протестите во неколку наврати биле фрлани камења и метални предмети кон полицијата и оти досега имаат сознанија за неколку повредени полицајци и за неколку оштетени полициски возила, но како што рече, поточни информации ќе имаат откако полициските службеници ќе се вратат од терен.

- Во моментот привршуваат протестите така што полицијата сеуште е распоредена. Очекуваме по целосното завршување на протестите и повлекувањето на лицата кои протестираа, да се повлече и полицијата, рече Котевски.

Од полицијата апелираат до граѓаните да не подлегнуваат на никакви провокации и да не дозволат да бидат вовлечени во поголеми инциденти.

- Апелираме и медиумите да работат строго професионално и да не објавуваат непроверени и неточни информации кои можат да нанесат непроценлива штета со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме, рече Котевски.

 

21.05.2014 - 09:35
Фото: 
твитер
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега