Марјан Николовски: Јованис Вранишковиќ
Слепоста да се види и признае дека мотивот на СПЦ за единство во православието преку “Белата Пана”во Белград е повеќе шовинизам и негирање на постоењето на еден цел народ отколку христијанска љубов кон различниот, а по вера идентичен е рамно на духовен геноцид врз македонскиот народ.
“Јоване.. ниту почнало, ниту со тебе ќе заврши православието!” Тоа е таа визионерска реченица, што покојниот Архиепископ, г.г Михаил ја кажал на една од синодските седници, далеку пред и некој да помисли дека, токму миленикот на некои македонски владици и денеска дел од Сионодот на МПЦ, ќе биде “човекот кој СПЦ го бараше 4 децении”, како што Бачкиот Епископ г. Иринеј Буловиќ, на една од меѓуцрковните комисиски средби им го опишал Јован на македонските Архиереи.
Таа визионерска изјава на Архиепископот г.г. Михаил тогаш не ја рзбраа македонските владици, а не знам колкумина и денеска искрено сакаат да признаат дека “живиот светец”, како што верниците го нарекуваа Дедо Михаил, во темпераментниот Јован го виде најголемото искушение за самобитноста на Македонската Црква воопшто и пред тој да стане владика во МПЦ, па затоа и одбива да ја води и учествува во литургијата за неговото хиротинисување 1998-та. Една година подоцна, Дедо Михаил “замина” од Црквата. Но искушението за кое предупреди остана, но и постепено добиваше на значење и стануваше релевантен фактор во црковниот живот на МПЦ, благодарение меѓудругото и на поддршката од неговите црковни ментори. Тоа за кое што Јован, тогаш епископ Дремвицки, сонуваше, за жал голем дел од денешните владици на МПЦ потајно го поддржуваа. Тој за себе тогаш велеше, дека неговата мисија е да го реши црковното прашање во Македонија, а неговите собраќа Архиереи, заслепени не можеа да видат дека тој всушност го урива она што генерации претходно го градеа. Јован не работеше на единството на МПЦ со православниот свет, туку постепено го градеше и промовираше “србоправославието” во Македонија.
Денеска Македонија и МПЦ го живеат резултатот на кратковидоста на македонските Архиереи и нивните грешки во чекори, тогаш, а особено подоцна. По онаа фамозна 2002-ра.
СЛОБОДАТA НА ЈОВАН, НЕМА ДА ДОНЕСЕ АВТОКЕФАЛНОСТ НА МАКЕДОНСКАТА ЦРКВА
Сега повторно Вранишковски е централна тема, но овој пат се пласира една теза, која има сериозно манипулативен карактер, со цел лажење на јавноста и особено што е значајно, форсирање некаква лажна слика, која треба да една лажна надеж дека МПЦ е пред решение на спорот со СПЦ, а во чие решение главната улога да ја има Врнишковски.
Општествената полемика, пред се со форсирање на оваа теза добива на интензитет по неодамнеша дебата, во која јас и колегата Зоран Бојаровски отворено зборувавме за ова прашање. Таа дебата потоа се префрли на социјалните мрежи. Потребата од префрлање на социјалните мрежи имаша затоа што бранителот на тезата и поддржувач на ПОА, не успеа со аргументи да одбрани ниту една од своите тези. Да не беше така, немаше ден потоа да се појави едно непотпишано писание во кое се спори со моите ставови. Иако писанието составено од 12 точки, во кои 2/3 од текстот се омаловажувачки квалификации, нема потпис сепак лесно се пропзнава авторот. Тоа е оној самобедисан лик, кој секое утро себе си се поздравува во огледало со, “аве Цезаре”. Алфа и омега во ПОА, кој за себе вели дека е “заменик Архиепископ”, додека Вранишковски е на отслужување на затворската казна.
Да одиме по ред. Лага е дека слободата на Врнишковски ќе донесе автокефалност на МПЦ, од едноставна причина што македското црковно прашање, ниту почнува ниту завршува со Јован Вранишковски. Јован не е решение, туку тој е дополнителен проблем. Манипулација е тезата дека барањето на СПЦ за негова слобода, како предуслов за какви било разговори, ќе значи и почеток на решението на деценискиот спор.
Слободата на Вранишковски е потрбна од две причини. Прво на тој начин државата ќе ја симне критиката за непочитување на верски слободи и второ на тој начин ќе се види немањето желба кај српските владици за искрен дијалог со МПЦ. И можеби што побрзо негово ослободување, односно помилување ќе значи побрзо раскренување на маглата што се сее деновиве.
Вистината е друга. За Српската православна црква црковното прашање во Македонија е затворено и решено во 2002-та, односно следната 2003-та на Соборот на СПЦ во мај. Од тогаш до денеска, српските владици зборуваат само за положбата на нивнот владика и нивната црква во Македонија.
Новоизбраниот српски Патријарх, г.г Иринеј, инаку дел од поранешната комисија за разговор со МПЦ, еден ден по устоличувањето на тронот на Српската Патријаршија беше сосема дециден, дека за статусот на МПЦ, разговорите треба да се водат со ПОА. Со други зборови, проблемот од релација СПЦ-МПЦ, го префрли на проблем меѓу МПЦ и ПОА. За да биде појасно, СПЦ, можеби уште на овој сегашен Собор, во писмото што како одоговор ќе го испрати на барањето на МПЦ за обновување на дијалогот, ќе посочи дека договор треба да постигнат МПЦ и ПОА, а СПЦ ќе го почитува тоа што тие ќе се договорат. Тоа не е искрен пристап и искрена желба за разговори. Менторот на Врнишковски и создавачот на ПОА, Иринеј Буловиќ е заговарач на овој став на СПЦ. Тој бара начин, како ПОА да остане во игра, бидејќи евентуален договор МПЦ-СПЦ, не може да го исклучи Врнишковски и неговоте тројца Владици, што ги хиротониса СПЦ. Тоа е вистината. Во таква ситуација, со такви ставови, преговорите се осудени на неуспех уште и пред да се случат. Тоа е таа ќор-сокак ситуација, што СПЦ, смислено ја создаде, со цел да го усложни, а не да го реши црковниот проблем во Македонија.
ЈОВАН Е ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОБЛЕМ, А НЕ РЕШЕНИЕ
Но, дека ПОА не е решение на црковниот проблем, иако Иринеј Буловиќ пред 10 години се обидуваше нејзиното создавање да им го престави на останатите православни цркви, како трајно решение на “расколот во Македонија”, потврди и лично Вселенскиот Патријарх, Вартоломеј, кој на погребот на поранешниот Српски Патријарх, г.г. Павле, од Белград, порача дека “во неговата пастирска мисија остана нерешено прашањето за црквата во Скопје”, веруваќи дека на тоа решавање ќе работи новиот српски Патријарх.
Јовановите приврзаници лажат и кога тврдат дека Руската црква го поддржала формирањето на ПОА. Во тоа писание кое го лиферуваат цитираат писмо на Алексеј втори( јас многу добро знам кој беше тогаш руски Патријарх), испратено под одлуката на Јован, како митрополит Повардарски да го прифати нишкиот договр, и ако добро се чита тоа писмо, ќе се види дека Алексеј не зборува за “целосна полнота”, туку искажува уверување дека тоа може да се случи. Кога зборуваме дека Алексеј Втри беше против создавање на ПОА, зборуваме за едно друго писмо, испратено една година подоцна, кое јовановите приврзаници не сакаат да го цитираат. Во тоа писмо, Алејсеј втори, рускиот Патријарх јасно му предочува на Соборот на СПЦ, дека “создавање паралална ерархија, преки Вранишковски нема да доведе до решение на расколот во Македонија”, притоа замолувајќи го Соборот на СПЦ да не пристапува кон ваков чекор. На тој совет српските владици останаа глуви. Денешниот Руски Патријарх, г.г Кирил, инаку одличен познавач на црковниот спор во Македонија, неодамна им удри уште една силна шлаканица на сите кои живеат во заблуда дека ПОА е решение на црковниот проблем. Г. Г. Кирил, на средбата со Претседателот, Ѓорге Иванов јасно и прецизно ја лоцираше црквата со која се врзуваат македонските верници. “Решавањето на канонскиот статус на МПЦ, ќе го обезбеди македонскиот идентитет, јазик и култура. Точка!
За сето ова се свесни и во СПЦ и во ПОА и токму затоа сега ја наметнуваат приказната дека само што не дошло до решение на спорот, но само ако Јован е на слобода. Идејата е всушност, ослободениот Јован да биде другата преговарачка страна. На масата за разговори, да седне тој. СПЦ знае дека евентуелно решение за статусот на МПЦ, ќе значи и поништување на ПОА, поништување на се што досега го зборуваа. Во таков случај, СПЦ ќе биде таа што ќе мора Врнишковски да го земе назад во Белград и затоа сега се инсистира на негово лично присуство на тие разговори.
КОЈ ФОРСИРА РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА ВРНИШКОВСКИ?
Но, она што за мене се уште е симптоматично е што оваа лажна надеж за некаков историски договор меѓу МПЦ и СПЦ во овие неколку месеци го заговараат, онака оркестрирано, со постепени вклучување, сите опозициски медиуми и новинари. Наеднаш во Македонија, Вранишковски стана, “Архиеписккопот”, ПОА наеднаш стана “канонска цркав”, Јован наеднаш стана “политички затвореник”. Во меѓувреме се појавува интервју на Амфилохије Радовиќ, кое се цитира на големо како “евангелие за македонското црковно прашање”. За мене е нејасна токму оваа состојба, бидејќи истите овие денешни заговарачи на тезата, во минатото беа најгласните осудувачи на постапките на Вранишковски. Ќе го земам за пример денешниот главен уредник на Слободен печат, во минатото, таа 2002 и 2003, главен уредник на Дневник, весник кој жестоко тогаш застана во одбрана на национаните интереси на Македонија осудувајќи го Вранишковски. Тој исти главен уредник, денеска трди дека Врнишковски е политички затвореник и истовремено преку интервјуто со Амфилохије, шири лажна надеж во македонската јавноста дека “СПЦ не сакала МПЦ да биде ниту, грчка, ниту српска црква”. Ако е до себеосознавање, во ред, но не е на одмет да се прочитаат неговите ставови за ова прашање од таа 2002 и 2003 година.
КОМЕНТАР – БРАНКО ГЕРОСКИ
Молк рамен на предавство
… Впрочем, како и да биде поинаку, кога интелектуалниот “крем” на оваа нација скиснал, а нејзиниот “духовен цвет” базди како полски нужник?! Седум владици, со исклучок на еден лично засегнат, молчат како риби и дозволуваат да ги надзборува и да ги надвиши пискавото гласче на едно недоквакано лигле, србоманче и гркоманче по вокација и по сопствено признание…. Додуша, овој коментар влегува во печат пред да биде познат исходот на големиот народен протест во Велес. Но, прогнозирам дека владиката Јован сепак ќе успее да си ги сочува и брадата и мантијата, а се плашам дека народот ќе му дозволи и понатаму да проповеда и да сее магла меѓу верниците. А после се лутиме што во сите вицеви Македончето е покорно, исплашено, мутаво, никакво… ( среда 26 јуни 2002. Дневник).
Мислам дека е сосема непотребо да се комектира ваква еволуција на ставови. Од повик за линч на Јован, до денеска дека тој бил политички затвореник. Вакви и слчни коментари на денешни поддржувачи на Јован има многу. Кој има време нека чита. Што на интернет, што во Националната и универзитетска библиотека во Скопје.
СПЦ НИКОГАШ НЕМА ДА ПРИЗНАЕ АФТОКЕФАЛНА ЦРКВА ВО МАКЕДОНИЈА
Има уште една јасна вистина како бел ден во случајот МПЦ и СПЦ. Тоа е што Српските Архиереи немаат желба, а јас мислам дека ниту пак сакаат, овде во Македонија да постои Автокефална Македонска Правоскавна Црква. И тоа е всушност најголемиот проблем. Статусот на МПЦ е главниот проблем. Се друго е последица или повразност со тоа. СПЦ, особено она моќно, влијателно прогрчко крило, на чело со Иринеј Буловиќ, никогаш нема да се откаже од можноста за духовно владеење со територијата на денешна Република Македонија. За жал, идејата за “великосрбјанството” се уште е основна матрица на Српската Црква. Иринеј Буловиќ и останатите неколкумина велокодостојници, кои за жал се уште се доминатни и највлијателни креатори на политикте на СПЦ, никогаш нема да признаат постоење на Автокефална црква во Македонија. Затоа што “Афтокефлна црква” значи, црква со своја глава. Свое “кефало”. Слободо-уредувачка цкрва. Тие сакаат “кефалото” на македонската црква да биде во Белград, затоа што веруваат дека Македонија е духовно хендикепирана, па и е потребен старател.
Српската православна црква, која беше столб на национал-шовинизмот на Милошевиќ, дека сите Срби треба да бида во една држава, не сака да ја сфати реалноста дека Македонија е посебна држава со своја сигурна иднина и затоа нема да дозволи формирање афтокефална црква на овие простори.
Дека тоа е така има многу примери, меѓу нив се и оние изјави на Буловиќ што ги кажувал на разговрите со македонските архиереи, кои ако некогаш се одважи некој од членовите на таа комисија и проговори може да и станат достапни на македонската јавност. Но, она што е сосема јасно во поглед на тоа дека СПЦ не сака автокефална црква во Македонија е тоа што за 12 години, колку што постои ПОА, или шест пати повеќе од некаков преоден рок од автономија кон афтокефалија, како што лажно заговараат некои аналитичари, СПЦ не направи ништо што ќе значи признание на афтокефалност на јовановата пара-црква. Се додека тоа не се случи, можевме да зборуваме за едно. За немање воља да се види реалноста. Тоа не се случи, ниту пак ќе се случи. Зошто тоа не се случува? Јовановите приврзаници велат, (цитираат пак дел од интервјуто на Алфилохије), дека СПЦ не била таа која давала автокефалност, туку таа можела само да препорача. Ок.. Нека препорача. Уште утре нека препорача ПОА да биде автокефална црква, па да видиме дали Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и Рускиот Кирил ќе стават потпис на таа препорака, на таков томос, за автокефалност. Нема! Затоа што им е јасно дека ПОА не е ништо, а камо ли некаква црква.
Второ, Амфилохије многу добро знае дека догор меѓу МПЦ и СПЦ кој би значел автокефалност на МПЦ, ќе поздрават и поддржат сите православни цркви. А, СПЦ тоа може да го направи, барем сега додека се уште православието не дефинирало други начини за признавање на афтокефалноста. Последна црква која се стекнала со признаен канонски автокефален стаус е Православна црква на Чешка и Словачка. Нејзиниот автокефален стаус го потпишува во 1951 Рускиот Патријарх. Вселенскот го потврува во 1998. Што значи дека не е точно дека признавање не може да направи друга црква, освен Вселенската. Има еден друг пример, Естонскот, каде Вселенската Патријаршија и признава самостоен статус, на што се противи РПЦ. Тоа прашање за автокефалноста е спорно и на ниво на Православие, но едно е сигурно, православниот свет ќе поздрави само договр меѓу МПЦ и СПЦ.
СПЦ И ЈОВАН ВРШАТ ДУХОВЕН ГЕНОЦИД ВРЗ МАКЕДОНСКИОТ НАРОД
И на најобичните лаици во Македонија им е јасно дека ПОА и Вранишковски немаат врска со македонска црква. Чива црква е ПОА и кому му служи Јован, најдобро дефинира неговата мајка, во едно интервју за српските медиуми.
Слепоста да се види и признае дека мотивот на СПЦ за единство во православието преку “Белата Пана”во Белград е повеќе шовинизам и негирање на постоењето на еден цел народ отколку христијанска љубов кон различниот, а по вера идентичен е рамно на духовен геноцид врз македонскиот народ. Тоа што на Јован и неговите приврзаници не им се значајни геноцидните изјави на Антимус во Солун, каде неговиот пулен, Давид Нинов оди на сослужување, а потоа ракоплеска на негововите националистички проповеди против Македонија, е нивни проблем. Но, тој нивни проблем не може да биде проблем и на овој народ.
Тоа за среќа го видоа многумина, кои на почетокот заминаа со Јован Вранишковски, а беа понесени од идејата, или пак заведени од лагите на егзархот српски, дека преку ПОА и нишкиот договор ќе се стаса до посакуваното единство и самобитноста на Македонската Црква. Со Јован денеска се само оние кои имаат личен интерес, другите или го напиштиуја или пребегнаа. Јеромонахот Атанасиј се врати во МПЦ, Архимандритите Софрониј и Максим ги соблекоа црковните мантии по 15 години поминати како монаси. И двајцата денеска живаат како обични мирјани. Осум монахињи избегаа од Вранишковски и денеска се дел од монашкото сестринство на Бугарската Православна црква во видинските манастири. На пат да си замине од ПОА е и Борјан Витанов. Сето тоа го знаат во СПЦ, го знае и Јован, затоа сега бара начин како да остане фактор.
Неговите малкумина приврзаници ја судат МПЦ за неканонска црква, а во своите редови имаат владика, кој по ниту еден критериум не можеше да биде хиротонисан. На денот кога СПЦ го направи владика имаше 27 години, или три помалку од канонски потребните. Немаше ниту високо образование, а од “теологија” ги познаваше само брзнинте на БЕ-ЕМ-ВЕ-то, со кое го возеше Вранишковски додека беше владика во МПЦ.
Ракополагањето на Јован Врнишковскли во епископ Дремвицки од страна на полошко-кумановскиот Митрополит г.г Кирил е факт, но јовановите приврзаници не сакаат тоа да го прифатат од едноставна причина што не можат да дадат логично објаснување, како Кирил не беше канонски владика, а Јован е. Многу добро во ПОА знаат, или пак би требало да знаат дека едно е учество на литиургија, а друго е чиноначалствување со литургија. Владиката Кирил не учествува, туку ја води литургијата за хиротонија на Јован. Од негвите раце ги добива, панагијата, жезолот и митрата, бидејќи покојниот Архиепископ одбива да учествува во тој чин, па според принципот на најстариот Владика, тоа го прави Митрополитот г. Кирил. Е сега, каде е проблемот, зошто тоа не сакаат да го признаат јовановите приврзаници. Затоа што ако Кирил не беше канонски владика, тогаш Јован Вранишковски требаше да биде одново хиротонисан од СПЦ, но српските архиереи ја признаа хиротинијата, а со тоа го признаа и канонскиот статус на Владиката Кирил. Сакал или не Давид Нинив да признае, вистината е таа.
ЗА ХРИСТА ЗБОРУВААТ, ВО ВЕЛИМИРОВИЌ СЕ КРСТАТ
Тоа што некои не сакаат да прочитраат каква порака И испрати СПЦ на Македонија, таа 2003-та година, кога ја создаде пара-црквата во Македонија е нивни проблем. Но, истодентната канониција на Николај Велимировиќ со создавањето на ПОА е јасна симбоилика, од кои принципи се води СПЦ и кои политики спроведува. Оние на кои помил им е Николај Велимировиќ отколку христијанската љубов, не можат себе духовници да се нарекуваат. Кој бил Хиколај Велимировиќ, пишува српската историја, не јас. Како е направена неговата рехабилитација и кога, знаат српските историчари. Која е неговата улога во Македонија, запишала историјата, која ако сакате објектвно да прочитата ќе видите дека, во неговата биографија пишува дека “тој е единствениот кој допринесе за обединување на помесните црковни единици на новоздадените српски територии како Македонија”. Што значи, Николај Велимировиќ е почетокот, а Јован Врнишковски е продолжетокот на “српското духовно единство меѓу Македонија и Србија”.
Кој е свушност Николај Велимировиќ? Еден од најконтроверзните владици од историјата на СПЦ. Во еден период епископ Охридски, за чија активност во Македонија особено е ценет од Српската црква. Одликуван со орден на третиот рајхт, потпишан од Хитлер за возобновување на воените германски гробишта од првата светска војна, покажувајќи на тој начин лојалност кон нацистичкиот режим на Хитлер. Следната 1935 година во Белград, Велимировиќ држи говор во кој јавно му се заблагодарува на Хитлер. За да нема забуни, во продолжение цитат од тој говор:
-“Сепак треба да му се оддаде почит на сегашниот германски водач, кој како прост занаетчија и човек од народот, согледал дека национализмот без верата е една аномалија, еден ладен и несигурен механизам. И ете во 20-тиот век, тој додје на идеите на Св.Сава и како лаик ја презема од својот народ, онаа најважна работа, која доликува на еден светител, гениј и херој.”
Николај Велимировиќ е еден од најгасните ппротивници на Евреите, неговите изјави за Евреите, немаат никаква човечка димензија, а камо ли христијанска. На пример.
-Сите идеологии на модерна европа ги создале Евреи, кои го распнаа Христос: демократија, штрајкови, социјализам, атеизам, верска толеранција, комунизам, капитализам, пацифизам.. сетоа тоа го измислија Евреите, односно нивниот татко-Ѓаволот”.
Овие работи, или не ги прочитале, или пак не сакаат да ги прочитаат приврзаниците на Врнишковски, кои организираат поколненија на идеологијата на Велимировиќ. Го бранат со тезата дека бил затворен во логор од фашистите за време на втората светска војна, но не кажуваат зашто и како си поминал во логорот во Дахау. Неговото апсење е резултат на внатречетничките судири во Србија, а во логоорот каде бил нецели три месеци бил сместен во делот за бунтовни и непослушни германски официри, со максимални привилегии и храна.
Во Југославија по ослободувањето не се враќа, бидејќи е на списокот соработници на фашистичките сили. Има многу за неговата историја, но кој сака да ја чита реално. Но, особено интересен е моментот на неговата рехабилиотација, а подоцна и канонизација за светец на СПЦ. Иницијатори за бришење на неговото минато и претсавување во јавноста како голем христољубец, светител се, верувале или не токму групата најголеми негатори на самобитноста на МПЦ во Српската црква. Не е ниту за чудење, бидејќи тие биле негови ученици. Иринеј Буловиќ, Амфилохије Радовиќ, Артемије Радосављевиќ и Атанасиј Јефтиќ. Е, сега за да биде појасно колкава е моќта на оваа четворка во СПЦ, тогаш, а особено денеска, доволно е да се прочита процесот на рехабилитација што го направиле.
Во 80-тетите почнуваат јавно да зборуваат за него како нејголема икона на Српската црква. Како што наидуваат на отпор од разумните владици во СПЦ, одлучуваат на 18 март 1987, на годишнината од неговата смрт, самоиницијативно да го прогласат за светец и тој ден да го прогласат за празник на Шабачко-Ваљевската епархија. Една година подоцна, комисијата формирана од СПЦ, одбива да го прифати нивното барање за канонизација. Претседател на таа комисија е, подоцна Српскиот Патријарх Павле.
Официјално Николај Велимировиќ е прогласен за светец, на денот кога СПЦ ја создава ПОА. И двете инцијативи се на четворката влијателни српски архиереи.
Тоа е таа историја, тоа е таа вистина. За решение на статусот на МПЦ, која дефакто постои и не може никој да ја игнорира е потребно многу повеќе од замајување на јавноста. Потребно е искрен и отворен пристап. За дијалог не се доволно само деклартивните заложби на српските архиереи и епитетите на наводна “братска и гристијанска љубов”. Потребно се потези кои ќе значат, пред се почит.
Јован и неговата ПОА можат да функционираат во Македонија и како регистрирана верска заедница, но со јасна дефиницја и по примерот на реципроцитет. Тие како дел од српската црква во Македонија, наш владика како дел од МПЦ во Србија.
Марјан Николовски – новинар
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа