Избран македонскиот претставник на Конкурсот за иновации на ДојчеТелеком за 2014 година
Македонски Телеком и Т-Мобиле го избраа иновацискиот проект, што ќе биде македонски претставник на финалето на Конкурсот за иновациии 2014 на Дојче Телеком, во Краков, Полска. Оваа година на натпреварот се пријавија 39 земји со 326 идеи. По селекција во полуфиналето, дванаесет финалисти ќе се натпреваруваат во Краков на 27 јуни.
Македонија беше една од земјите која имаше најголем број на поднесени идеи, 39 иновациски тимови, компании или поедници се пријавија на натпреварот, со што сме втори во светот, веднаш по Германија.
На 14 мај, стручно жири од Македонски Телеком, Т-Мобиле и hub:raum Краков по презентација на идеите од десетте финалисти го избра победничкиот проект. Победија студентите Димитар Миновски и Кристијан Ѓорѓески со нивната идеја за „паметна” соларна пумпа за наводнување, наменета за земјоделие која се регулира преку интернет, а содржи и временска прогноза.
„Особено ни е драго што нашиот проект победи во толку силна конкуренција на иновативни проекти, меѓу кои беа и научни трудови на професори од нашиот факултет. Идејата која ја имаме, новиот начин на наводнување е систем кој користи природни ресурси за работа и заедно со температурата на воздухот, влажноста и временските услови е доволно паметен да оцени кога и колку да ги наводнува полињата со земјоделски култури и дополнително, сето тоа да му биде достапно на земјоделецот преку графички интерфејси на неговиот компјутер.
Среќни сме што ќе имаме можност да ја поминеме програмата во Краков која нуди обуки и тренинзи за почетници во бизнис светот, па освен што ќе се натпреваруваме за главната награда, ќе акумулираме знаење за тоа како изгледа и функционира една успешна старт-ап компанија, па зошто и нашиот проект да не стане една таква успешна приказна.“ – изјави Димитар Миновски.
Паралелно со финалето во Македонија се одвиваа националните прелиминарни конкурси во Атина, Братислава, Будимпешта, Букурешт, Подгорица, Прага, Тел Авив, Варшава, Загреб и Берлин.
Сите финалисти, меѓу кои и финалистите од Македонија ќе имаат можност да учествуваат во четиридневна програма за обука за нови компании каде ќе стекнат знаења од експерти, ќе добијат увид во истражувачките проекти на Дојче Телеком, а ќе можат и дополнително да ја развијат својата идеа. Победничкиот тим од Краков ќе застане на сцената на „Долгата ноќ на почетниците“ на 6 септември во Берлин, каде се очекува да присуствуваат околу 6.000 гости.
Победниците ќе продолжат да ги развиваат своите идеи во соработка со националните компании на Дојче Телеком. Наградите вклучуваат инвестиции во износ до 150.000 евра, вклучување во меѓународни програми за нови компании, хардвер, софтвер и контакти со лица на врвни позиции во Дојче Телеком
Конкурсот за 2014 година го поддржуваат hub:raum, програма на Телеком, со локации во Берлин, Краков и Тел Авив, како и Kitchen Будимпешта и UQBATE, специјална програма за вработените на Групацијата. Во останатите спонзори се вбројуваат и седум национални телекомуникациски компании во Централа и Источна Европа. Тие ќе ја координираат националната прелиминарна селекција, ќе обезбедат награди и во иднина ќе соработуваат со финалистите и победниците.
Во 2013 година, над 700 тимови од 45 земји доставија 444 идеи. Од 12 финалисти од осум земји, Екскалибур од Словачка беше победникот со решение за автентикација за мобилни уреди. Кубилог од Унгарија и Кодатеље од Германија ги заземаа второто и третото место, по тој редослед, со нивното „Homee“ решение
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа