Русите и ја оставаат Меѓународната вселенска станица на САД
Москва смета дека има потреба од Меѓународната вселенска станица ИСС до 2020 година, соопшти рускиот вицепремиер Дмитри Рогозин, според агенцијата Интерфакс. „По 2020 нашите финансиски ресурси сакаме да ги користиме за вселенски проекти насочени кон иднината“, подвлекол Рогозин. Со ова руската влада ја одби иницијативата на американската вселенска агенција НАСА, ИСС да се користи до 2024 година, четири години подолго од планираното.
Освен САД и Русија во станицата учествуваат и Германија и десет други европски држави како и Канада, Јапонија и Бразил. Технички погледнато, Вселенската станица ИСС, која кружи на околу 350 километри над Земјата, според НАСА би можела да биде користена до 2028 година.
САД сепак се надеваат на соработка
И покрај плановите на Москва САД се надеваат на продолжување на соработката и по 2020 година. „Во нашата вселенска програма имаме долга соработка со Русите и се надеваме дека заеднички ќе можеме да продолжиме“, изјави портпролката на американското Министерство за надворешни работи Џен Псаски. Дури и во времето на Студената војна соработката во Космосот била за пример.
„Ние немаме примено официјално соопштение од руската влада за некакви промени во соработката“, соопшти НАСА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа