Српската естрада во паника - им се закануваат затворски казни

Хаос и паника завладеала меѓу српските естрадни уметници откако директорката на Даночната управа на Србија, Љиљана Ковачевиќ, почнала да спроведува проверки на заработката на ѕвездите од шоу бизнисот, пишува весникот „Курир“, пренесува Нетпрес.

Естрадните уметници се во паника оти стравуваат дека државата ќе им одзема имот и ќе им наплати големи износи даночни давачки, кои со години не ги плаќале.

Прва на удар на даночните власти е пејачката Светлана Сека Алексиќ.

„Моментно го проверуваме потеклото на парите со кои сопругот на Сека Алексиќ и’ купил на пејачката автомобил вреден 100.000 евра. Проверуваме од каде се парите, како возилото е купено и дали е платен данок. Ова е само еден од низата случаи во естрадата, со кои се бават даночните. Естрадните уметници за нас не се никаква посебна категорија на даночни обврзници“, изјавила Ковачевиќ.

Љиљана Ковачевиќ

Сека Алекиќ за весникот „Курир“ не сакала да каже од каде му се на нејзиниот сопруг 100.000 евра за купување на возилото за нејзиниот роденден.

„Не сакам да го коментирам тоа. Што се однесува до данокот, со години го плаќам во Австрија, бидејќи сум пријавена во Виена. Секој мој настап е уредно пријавен и данок си плаќам на годиншно ниво. И во Србија сум пријавена како естраден уметник и даночен обврзник, и сите мои обврски кон државата ги подмирувам“, рекла Алексиć.

Но, пејачката Драгица Радосављевиќ Цакана, рекла дека фолкерите и тоа како треба да се плашат од даночниците, бидејќи парите од концертите речиси секогаш ги добиваат во готовина.

„Пејачите имаат причина да се плашат од даночниците, оти се’ ни се исплатува на рака. Претпоставувам дека многу наскоро се’ ќе биде регулирано. За мене сето тоа е во ред бидејќи треба да се знае кој, што и колку заработува, за никого да не го боли глава“, изјавила Цакана.

За легендата на српската народна музика, Мирослав Илиќ, плаќањето данок не е тема за која тој сака јавно да зборува.

„И треба да се плаќа оти и јас со години наназад го плаќам секојпат кога настапувам. Во СФРЈ, ние повозрасните пејачи, не можевме да си дозволиме себе си некој да не прозива јавно поради тоа. Затоа мојот колега Аца Матиќ и покојниот глумец Бурдуш поминаа по една година во затвор, бидејќи не плаќаа данок“, изјавил Ера Ојданиќ.

„Зошто да се даночат пејачите, кога речиси никој од нив нема работа, а кога се договара ’тезга’, се’ зависи од тоа колку билети ќе се продадат. Јас имам австриско државјанство и редовно си плаќам данок, тоа не ми е проблем“, рекла Гоца Божиновска.

„Ана веќе со години е пријавена и работи во нашата фирма ’Мјузик едишн’, каде уредно за секој нејзин настап плаќаме данок, според договорот кој нашата компанија и местото каде настапува го потпишуваат. За концерти во Србија посебно се плаќа данок“, навел во своја изјава за весникот менаџерот на пејачката Ана Николиќ.

Даночната управа ветила резултати во јавноста

„Се испитуваат сите, а не само пејачките, за кои моментно највеќе се објавува во јавноста. Постапуваме еднакво кон сите обврзници, без разлика на дејноста која ја извршуваат. Ги проверуваме сите, за кои од било какви извори добиеме информации. Со оглед на тоа дека естрадните уметници се медиумски експонирани, информациите за нив се многу полесно достапни, а резултатите од контролите и евентуалните неправилнсоти се многу интересни за јавноста. За сите евентуално утврдени неправилности ќе ја известиме јавноста по завршување на постапките, кои сега се сеуште во тек“, изјавила Ковачевиќ за „Курир“.

Но, каде се свадбите и бакшишот?

Ако се земе во предвид дека во Србија има околу 300 активни пејачи (од оние кои постојано се експонираат во медиумите до оние кои ретко или, пак, никогаш јавно не се појавуваат), заедничко за сите е дека во просек по настап добиваат по околу 3.000 евра. Некои добиваат и многу повеќе, а некои „тезгарат“ и за само 500 евра. Пејат четири викенди месечно (поточно имаат осум работни денови), тогаш се добива сумата од 7,2 милиони евра заработка. Кога овој износ ќе се помножи со 12 месеци во годината, резултатот е 86,4 милиони евра! Толку пари сите вкупно ставаат в џеб. Да ги почитуваат законите, мораат да платат данок од 20 отсто, што значи дека државната каса би добила прилив од околу 18 милиони евра. Поединци, пак, кога навистина реално би ја прикажале својата заработка, тогаш би морале да платат и данок на екстра профит. Но, во стварноста е мал бројот на оние кои тоа го прават. Во овие бројки не се пресметани свадбите, особено не оние во дијаспората, бакшишот, новогодишните прослави, кои се плаќаат многу повеќе отколку обичен настап, приватните забави, родендените…, пишува весникот „Курир“.

Итно да се направи проценка на имотот на пејачите

Повикувајќи се на сопствен, неименуван извор од Даночната управа, белградскиот весник „Курир“ објавува дека приказните на српските естрадни ѕвезди, дека тие всушност се даночни обврзници во Германија и во Австрија, се најобична измислица.

„Сите кои се фалат дека плаќаат данок во странство – лажат. Ако живеат во Србија, тогаш се обврзани тука да плаќаат данок, без оглед на тоа каде настапуваат. Кога работат во странство, заминуваат таму како туристи, во викенд тури, добиваат апри на рака без никаков договор, од некои од иселениците кои таму поседуваат клубови, и на крајот се враќаат како туристи. Тие се српски државјани, даночни обврзници и резиденти“, навел изворот на весникот и додал дека проценителните мора да почнат проверка на потеклото на имотот на естрадните личности.

„Тоа е страшен расчекор меѓу имото кои го поседуваат и бесните автомобили од една страна и приходот кој го пријавуваат од друга страна. Ќе има сешто, ако им дојдат во посета“, навел изворот на „Курир“.

08.05.2014 - 17:06
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега