Марјан Николовски: Црвенковски контра Заев, или и двајцата против СДСМ?
Што е она во што се разединуваат Заев и Црвенковски? И зошто Зоран Заев не е решение за СДСМ, исто како што и Црвенковски, како што самиот тврди? Во политичка партија во која нема судир на концепти и во која нема спротивставеност во основата на нејзиното функционирање, во која нема различни гледишта на политиката која ја практикува, не може да има ниту судир, ниту конфликт, ниту пак разединување.
Заев и Црвенковски ќе си играат “Панорама”. Расцветани ко зумбули во мај, в недела во Александар Палас, едниот ќе сака да биде Груевски, а другиот Георгиевски. Пендаровски веројатно ќе биде Кедев… или можеби Ганка Самоиловска Цветанова…
Слушнале дека така ВМРО-ДПМНЕ дојде до власта, така и тие ќе играат. Е да, сосема е точно дека “Панорама” беше пресудна за да ВМРО-ДПМНЕ фати нов правец, кој по две години им ја донесе првата победа. Но, во што е разликата од мај 2004, тогаш 14-ти, до сега мај 11-ти, 2014? 10 години! Но и многу повеќе од тоа.
Во Панорама имаше судир на два концепта. На две идеи. На два сосема спротивни правци како понатаму. Во Александар Палас в недела нема да има судир на концепти, нема да има ниту судир на идеи, нема да има ниту сидир на два спротивни правци. Ако не е фингерај, в недела во СДСМ може да има само судир на суети.
Никола Груевски и тогашното ново раководство на ВМРО-ДПМНЕ во Панорама влегоа со јасно изграден став, кој тогаш пред се имаше стратешки импликации за државните интерес. Тој став дијаметрално се разликуваше од ставот на Георгиевски. Ситуацијата беше нешто слична, во игра беа претседателски избори. И тогаш како и сега-обвинувања за нерегуларности. Но, разликата во концептите беше да се бојкотираат, или не, изборите. Со бојкот на ВМРО-ДПМНЕ на вториот круг, како што заговараше Георгиевски, Црвенковски немаше да стане Претседател на државата, а Македонија ќе влезеше во комплицирана политичка криза. Тоа му одговраше на Георгиевски бидејќи така ќе останеше фактор во политиката. ВМРО-ДПМНЕ ќе ја изгубеше целокупната доверба кај меѓународната заедница, која претходно со Георгиевски на чело ја имаше доведено до речини нула поддршка. Но, Груевски го одбра концептот кој на државата, три години по конфликтот, и нудеше стабилност. Тоа беше концепт на државност. Иако со далеку, далеку поголем број нерегуларности и со јасна ориентација на гласачкото тело дека Црвенковски ќе победи во вториот круг, ВМРО-ДПМНЕ не го одбра бојкотот, а можеше. Не плачеше, а можеше. За таа одлука, Георгиевски го прогласи за предавник на партиските интереси и соработник на Црквенкови тргна да го руши Груевски од лидерската позиција.
Од тој конфликт Грувески ја загуби доминацијата во пратерничката група, но ја задржа новата политика која и со девет пратеници му донесе победа на парламентарните избори.
В недела, Заев во Александар Палас ќе влезе со истиот став на Црвенковски. Со концептот кој значи уривање на државните интереси. Во тоа е основната и суштинаска разлика меѓу “Панорама 2004” и “Алекснадар Палас 2014”.
Во политичка партија во која нема судир на концепти и во која нема спротивставеност во основата на нејзиното функционирање, во која нема различни гледишта на политиката која ја практикува, не може да има ниту судир, ниту конфликт, ниту пак разединување. Во таква политика може да има само класичен, школски пример за лошо фингиран судир. Црвенковски на четири дена пред конгресот на партијата во интервју констатира дека Заев како и тој немаат капацитет да бидат решение за СДСМ, но притоа не признава дека не се решение ниту за државата. Ако Заев не бил решение затоа што немал конзистентен став за политиките на блоклади и улична демократија, тогаш зошто Црвенковски не е решение? Дека бил виновен за се!. Тоа и не е некоја издржана теза, но ајде нека биде така. И сега Црвенковски се согласува со се што Заев направил за блокада и непризнавање на изборните реузлтати, односно се согласува со основата на политиката на партијата, ама бара тој да си замине. Зошто? За да дојде некој (Стево пендаровски) кој ќе ја изнесе СДСМ надвор од сите институции? Замислете Црвенковски трди дека блокадите по 24 декември пропаднале бидејќи не можел да ги убеди Заев и шекеринска дека тоа е правилна политика? Кој овде и со кого се мајтапи? И нормално Заев погоден од тоа, веднаш срочува соопштение, во кое објаснува како Црвенковски му “забил нож во грб”. И бидејќи фингираноста е толку очигледна, уште синоќа големите душегрижници за единството на СДСМ, а инаку општествени експоненти на опозициската политика, се натпреваруваа кој повеќе ќе се изнаплаче над иднината на СДСМ. Тезите колку штетно ќе било за СДСМ, колку тоа во корист на власта ќе легнеле гласови, колку СДСМ ќе бил доведен до дно, поради најавите за судир, се само обид да се убеди јавноста во нешто, што и од авион се гледа дека е поинаку. Но, нејсе.
Што е она во што се разединуваат Заев и Црвенковски? И зошто Зоран Заев не е решение за СДСМ, исто како што и Црвенковски, како што самиот тврди?
Зоран Заев го има мнозинството на делегати на Конгресот и тие в недела ќе гласаат за негово останување на чело на партијата. Истовремено ќе гласаат и за еродирачката политика чиј промотор е Бранко Црвенковски. Со други зборови конгресот на партијата ќе ги обедини и нема да ги разедини Црвенковски и Заев. Ќе ги обедини во две работи. Првата во тоталната пропаст на СДСМ, која ќе се случи токму поради ова единство. И втората, ќе ги обедини во обидот за постепено рушење на државата, што може да има долгорочни негативни последици по безбедноста, стабилноста, но и по мултиетничкиот карактер на Македонија.
Ако пак, “Александар Палас”, навистина сака да биде “Панорама” и ако постојат вистински разлики меѓу актуелното и поранешното раководство на СДСМ, тогаш сега е шансата Заев да стави точка и да направи друга СДСМ. Точка, но на погубната политика на СДСМ. Конгресот на СДСМ треба да биде пресврт. Прсврт пред се во политиките на СДСМ, како обид за пресврт на политичката сцена во Македонија. Заев и СДСМ од Конгресот треба да испратат три јасни пораки.
Првата дека на 11 мај 2014, заврши политичката идеологија на Црвнековски и на СДСМ која до тогаш ја познаваше јавноста. Јасна дистанца и осуда за сите погрешни политички потези. Радикален чекотр од типот исклучување на Цевенковски од партијата, ќе биде само дополнителна потврда на искреноста за една нова политика.
Второ, од тој конгрес, на 12 мај СДСМ наместо на улица, да се врати во Парламентот и да така да ја демонстририра политиката на државотворност, со која милува да се кити.
И трето, Заев да наброи три добри политички проекти на власта, за кои ќе најави дека ќе ги продолжи и надогради. Да наброи и три лоши политики на власта, за кои ќе понуди решенија, за чија реализација ќе се бори да се спроведат и додека се во опозиција. Паралелно со тоа да промовира позитивизам, а постепено, до целосно, напуштањена досегашната реторика. И она што е најважно, да биде подготвен дека можеби и на следните избори, локалните, нема да ја добие комплетната поддршка, но да не отстапува од политика на нови промени.
Граѓаните во Македонија се многу поголеми политички логичари, отколку што партиите мислат дека се. Единствената шанса за успех на СДСМ е само во едно. Во јасно препознатлива компонента за која може да се фатат гласачите. Кога СДСМ тоа ќе го изгради, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгуби изборите.
Марјан Николовски – Новинар за Денешен
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа