ЕУ за бојкотот на СДСМ: Брисел претпочита ангажман а не повлекување
Брисел претпочита ангажман, а не повлекување, вели гласноговорникот на Штефан Филе, Петар Стано во интервју за порталот „Фактор“, одговарајќи на прашањето какви се политичките последици со бојкотот на СДСМ и дали Македонија е пред сериозна политичка криза.
-Ние сме свесни дека главната опозициска партија е разочарана со изборниот процес и не ги признава резултатите. Ова е несреќна ситуација. Ние претпочитаме ангажман, а не повлекување. Ние ќе продолжиме да ги поттикнуваме политичките лидери да се ангажираат во конструктивен дух за решавање на актуелните прашања, истакнува Стано за „Фактор“.
Тој додава дека потребен е конструктивен ангажман и дијалог меѓу Владата и опозицијата внатре во земјата, избегнувајќи да шпекулира за мешање од надвор.
За извештајот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за изборите, Стано истакнува дека нивната проценка се темели на широк спектар на прашања кои се детално опишани во извештаите.
-Во случај на вашите неодамнешни избори, тие се изјаснија дека биле ефективно спроведени, вели Стано.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа