Одбележување на Денот на Воената полиција
Во касарната „Илинден“ во Скопје, денеска ќе се одржи свеченост по повод 7-ми мај -денот на баталјонот на Воена полиција (бВП) и денот на полицијата и безбедноста.
Според најавите, на свеченоста ќе присуствуваат заменик-началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски, командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК) генерал-мајор Методија Величковски и други високи гости од МО и ГШ на АРМ.
Баталјонот на воена полиција е формиран со Указ на Претседателот на Република Македонија на 15 април 1992 година и поголемиот период функционираше како самостојна единица на ГШ на АРМ. Денес, бВП се наоѓа во формацискиот состав на ЗОК, со целосно трансформирана структура и висок степен на компатибилност со вакви единици во НАТО, заради што за припадниците на бВП, важат посебни критериуми за селекција. Основната мисија на бВП е обезбедување на објектите на МО, ГШ на АРМ и командите на единиците на АРМ, обезбедување на личности и делегации, како и командни места и објекти од посебно значење на бојното поле во услови на изведување на борбени дејства. Една од редовните задачите на оваа единица е регулирање и контрола на сообраќајот на сите воени моторни возила, како и откривање, пронаоѓање и спроведување на припадници на МО и АРМ, кои извршиле криминално дело.
Како резултат на достигнатата интероперативност, декларираните сили од составот на бВП успешно ги совладаа сите фази на оценување согласно Концептот на НАТО, а пред четири години еден негов вод заедно со припадниците на полкот за специјални операции, беше дел од наменските сили „Феникс“ во мисијата ИСАФ во Авганистан.
Денот на полицијата и безбедноста, ќе го одбележат и припадниците на службата на военото разузнување и безбедност, кои се наоѓаат во секциите Ј-2 и С-2 во структурата на командите и штабовите на АРМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа