Честитка од Вељановски за 24 мај - Кирил и Методиј
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска до граѓаните на Република Македонија упати честитки по повод Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“.
- Многувековната историја на македонскиот народ е богата со извонредни личности кои со своите дела ги збогатиле не само својот, туку и другите народи. Ние, како граѓани на Република Македонија ја имаме честа да го празнуваме овој голем празник и да се потсетиме на епохалниот цивилизациски придонес на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј. Тие го отворија патот на писменоста и ширењето на христијанскиот дух, одбележувајќи го периодот на будење на словенските народи, придонесувајќи кон севкупниот европски цивилизациски подем и докажаа дека не постои јазик што не е свет и достоен за славење на Бога, се вели во честитката од Вељаноски.
Празнувајќи го Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј", како што посочи Вељаноски, уште еднаш ја потврдуваме нашата верба во силината на човековиот дух, еднаквоста и разбирањето меѓу народите, ја потврдуваме нашата доследност кон светлите принципи кои тие ги поставија за нас, но и кои не научија да го сочуваме јазикот, идентитетот и културата.