Македонија подготвена за претседателските самити во Охрид и Струга
Седум претседатели, еден премиер и еден министер за надворешни работи го потврдиле учеството на Самитот на шефови на држави и влади на земјите учеснички на ПСЈИЕ и на Форумот Дијалог меѓу цивилизациите, што под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов ќе се одржат на 1 и 2 јуни во Охрид и Струга.
Меѓу потврдените учесници, како што информираат од Кабинетот на Иванов, се претседателите на Хрватска Иво Јосиповиќ, на Србија Томислав Николиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Бујар Нишани, на Романија Трајан Басеску, на Молдавија Николае Тимофти, претседавачот со Претседателството на Босна и Хецеговина Небојша Радмановиќ, бугарскиот премиер Марин Рајков и министерот за надворешни работи на Турција Ахмет Давутоглу.
На самитот предвидено е и учество на специјални гости, меѓу кои претседавачот на Генералното Собрание на ООН, Вук Јеремиќ, комесарот за меѓународна соработка, хуманитарна помош и одговор на кризи од ЕУ, Кристалина Георгиева, специјалниот претставник на Генералниот секретар на ООН за намалување на ризици од кататрофи, Маргарета Волстром, специјалниот претставник на генералниот секретар на Советот на Европа Еладио Фернандез-Галиано, претседавачот со Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи, Даг Олаф Хогволд, специјалниот претставник на генералниот секретар на Меѓународната организација на Франкофонија Давид Бонгард, генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Горан Свилановиќ и голем број претставници на други меѓународни организации.
Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа тематски е посветен на намалувањето на ризици од катастрофи и адаптацијата кон климатските промени. Претседателот Иванов, како што истакнуваат од неговиот Кабинет, првпат поставува конкретна тема на која ќе дебатираат учесниците, а дебатата ќе започне со проекција од скопскиот земјотрес и прикажување на солидарноста за Скопје од целиот свет. Целта е да се развие свеста и да се поттикне соработката во однос на оваа тема, која треба да биде опфатена и од страна на следниот претседавач со ПСЈИЕ.
На Самитот, на кој ќе се обратат претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски, се предвидува усвојување на Охридската декларација на ПСЈИЕ и Заедничката изјава на шефовите на држави и влади на земјите учеснички на ПСЈИЕ „Солидарност во акција“ која се однесува на намалувањето на ризици од катастрофи и адаптацијата кон климатските промени.
Воедно, предвидено е и одобрување на Годишниот извештај на Генералниот секретар на РСС за периодот 2012 – 2013 година и на тригодишната стратегија и работна програма на РСС за периодот 2014 – 2016 година.
Самитот, сметаат од претседателскиот Кабинет, ќе даде можност на лидерите од регионот заедно да најдат решенија за глобалните предизвици што влијаат на Југоисточна Европа. Настанот, велат, е одлична можност за промоција на Република Македонија и на нејзините капацитети да биде фактор на регионалната соработка.
Ова е 16.Самит на шефови на држави и влади од ЈИЕ. Минатата година претседаваше Србија, а следната претседателството го презема Романија. Македонија вторпат претседава со ПСЈИЕ, а првото претседавање беше во 2000-2001 година.
Процесот за соработка во ЈИЕ започна на иницијатива на Бугарија во 1996 година со цел создавање атмосфера на доверба, стабилност и доибрососедски односи. Претставува единствена автохтона форма на соработка помеѓу земјите од регионот и се дефинира како автентичен глас на ЈИЕ.
Гости на 11-от Форум на дијалогот меѓу цивилизациите се и генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова и специјалниот претставник на генералниот секретар на ООН за млади Ахмад Алхиндави.
Овој форум ќе биде посветен на младата популација со цел, како што истакнуваат од Кабинетот, создавање млади за иднината и иднина за младите, водејќи се од посветеноста на претседателот Иванов во обезбедувањето општествена одговорност кон вложувањето во развојот на младите лидери.
На овој форум предвидено е усвојување на Струшката декларација под наслов „The South for the future - the future for the South. (Југот за иднината - иднината за југот).
„Дијалог меѓу цивилизациите“ е платформа за соработка меѓу земјите од ЈИЕ, што во форма на годишни форуми се одржува изминатите 10 години по иницијатива на поранешниот претседател Борис Трајковски. Целта на дијалогот е да придонесе во градењето мир на Балканот преку зајакнување на соработката меѓу земјите од регионот.
Со овој настан, овојпат во Струга, се одбележува и 10-годишнината од првиот собир од овој тип кој се одржа во Охрид во 2003 година и се оддава почит на иницијаторот на овој Форум, поранешниот претседател Борис Трајковски.
„Дијалогот“, велат од Кабинетот на претседателот Иванов, е нешто со кое Македонија може да се гордее, бидејќи Македонија го почна и што е најважно дава резултати.
Паралелно со овие настани ќе се одвива и Дамска програма, според која сопругите на шефовите на делегациите ќе учествуваат на Дијалогот за цивилизациите, а ќе ги разгледаат и знаменитостите на Охрид и Струга.
За двата самита, во Охрид и во Струга, ќе има обезбедување од прв степен. За гостите предвидено е традиционално македонско мени, како и подароци со македонски обележја. Ќе добијат сетови македонски производи, вина, македонска резба, филиграни, охридски бисери...
За следење на самитите акредитирани се околу 120 претставници на медиумите од земјата и од странство.
МИА