Филе: Испраќаме уште една препорака за почеток на преговорите со Македонија
По четирите едноподруго дадени препораки до Европскиот совет изминативе четири години, денеска како Европска комисија испраќаме уште една со надеж дека во јуни ќе бидат отворени пристапните преговори со БЈР Македонија.
Ова го порача комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе, на прес-конференцијата во Стразбур при презентирањето на Специјалниот извештај за Македонија, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
- Како што од нас побара Европскиот совет, ЕК изготви извештај за имплементацијата на ЕУ-реформите поврзани со Пристапниот дијалог на високо ниво со Македонија, како и со чекорите преземени во рамки на добрососедските односи и прашањето за името. Заклучокот во овој извештај е дека имплементацијата на реформите се одвива на широко и таа се наоѓа на патеката и по политичката криза во јануари и февруари. Односите со соседите остануваат добри и се превземени чекори во билатерални односи со Бугарија и Грција, констатира комесарот Филе, додавајќи дека формалните разговори за прашањето за името под капата на Обединетите нации добиле нов моментум за време на овој период на известување.
Според еврокомесарот за проширување, посредникот на генералнито секретар на ОН во преговорите, Метју Нимиц, минатата недела на преговарачите на двете земји им дал нов предлог што, според Филе, дава надеж дека може да донесе договор.
Тој истакна дека политичката криза од 24 декември 2012 година и потоа договорот постигнат од политичките партии на 1 март годинава не спречија прогрес во однос на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД). Сепак, тој потврди дека е важна имплементација на тој договор, пред се, формирањето на Комисијата за расчистување на настаните од 24 декември и потпишување на меморандум за разбирање меѓу партиите за македонските евроинтеграции, како и продолжување на дијалогот со новинарите.
Во врска со прашањата за кои Европскиот совет побара екстра-информации од Комисијата, Филе потенцира дека биле во однос на октомврискиот прогрес-извештај, при што повтори дека дека имплементација на ЕУ-реформите има прогрес во речиси сите цели и индикатори.
- Од 2009 година, Комисијата испрати четири препораки до Советот за отворање на пристапните преговори со БЈР Македонија. Сега испраќаме уште една, екстра препорака, имплементирана во рамки на извештај направен по барање на ЕС за детали од две прашања. Европската комисија се надева дека Советот на јунскиот Самит ќе реагира по овој нов извештај на Комисија, потенцира Филе.
Тој во изјава за допнисникот на МИА од Брисел потврди дека препораката на ЕК до Советот од октомври, минатата година, останува и дека Комисијата цврсто стои зад истата, но дека овој извештај е всушност анекс на октомврискиот и се однесувал само на трите прашања од зкалучоците на декемврискиот самит на Европскиот совет.
Запрашан дали денеска Македонија е поподготвена од лани да ги започне преговорите за членство, одговори со “Да, но...“ и притоа образложи:
- Факт е дека има дополнителен прогрес во однос на ЕУ-реформите, како и во добрососедските односи. Но, во исто време, јас изразувам загриженост што договорот од 1-ви март се уште не е имплементиран. Сакам да профункционира и Комисијата за расчистување на настаните во и околу Собранието, како и политичките партии да поптишат меморандум за разбирање за евроинтеграцијата и дијалогот со новинарите, прецизира еврокомесарот за проширување.
На прашање на бугарска новинарка дали тој со овој нов позитивен извештај за Македонија го забрзува пристапот на земјата кон ЕУ, иако, според неа, со тоа “може да се увезе сериозно билатерално прашање во Унијата, како за територијални и малцински прашања и дали сте подготвени да превземете ваков ризик“, Филе со одговор:
- Не знам дали некој забрзува тука нешто. Има критериуми и очекувања од земји аспиранти и кандидатите за отворање на пристапните преговори и има јасни критериуми за очекување за затворање на сите глави од пристапниот процес, и на крајот потпишување на договор за членство. Добрососедските односи се дел од Копенхашките критериуми. При последниот извештај ние имаме референца за прогресот во односите на БЈР Македонија со двете земји кои ги споменавте. Има потреба да се посвети поблиско внимание на добрососедските прашања и отворените билатерални прашања. Ова е еден од трите приоритети на Директоратот за проширување годинава. Процесот на проширување не е начин да се увезат отворени билатерални прашања во ЕУ и затоа сега правиме се што можеме во процес на проширување, при што е најважно да се одвива паралелно со тој процес оти не сакаме некогаш билатералните прашања да експлодираат во средина на процесот на проширување. Но, со секоја нова земја-членка се засилува ЕУ, вели Филе.
Потенцирајќи дека проширувањето на ЕУ е во рацете на земјите-членки и дека Комисијата само го изведува техничкиот дел, Филе на крајот подвлече дека денеска бил “важен ден за проширувањето на Унијата“.
Како што претходно објави МИА, Комисијата во заклучокот на Специјалниот извештај за Македонија објави дека земјата “има направено прогрес во сите области што ги покрива овој извештај“. Претставен како извештај изготвен по однос на заклучоците на Самитот на Европскиот совет во декември 2012 година, во однос на прогресот на земјата постигнат за период од шест месеци, извештајот е поделен на два дела: спроведувањето на реформите во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) и преземените чекори за промовирање на добрососедски односи со сите соседни земји, со посебен акцент на односите со земјите-членки на ЕУ.
- БЈР Македонија има направено прогрес во сите области што ги покрива овој извештај и покрај политичката криза која настана на 24 декември 2012 година. Многу е важно политичкиот договор од 1 март да се имплементира без одлагање, особено формирањето на Анкетната комисија за расчистување на овие настани. Имплементацијата на реформите од ХЛАД-от поврзани со ЕУ продолжува. Релацијата со соседите останува добра и се преземени чекори за подобрување на билатерните односи со Бугарија и Грција. Формалните разговори за “спорот со името“ донесоа нов моментум за време на овој известувачки период, се наведува во заклучокот во овој извештај, каде е претставена и политичката криза што ја наметна опозициската СДСМ, но дека истата е надмината.
По овој извештај на Комисијата, в понеделник (22 април) прво ќе се расправа на Советот на министри на земјите-членки на ЕУ на состонокот во Луксембург, а конечниот одговор на новото барање на ЕК за отворање на пристапните преговори со Македонија ќе го даде Самитот на Европскиот совет во јуни.
Поради тоа што за утре е закажана нова рунда од дијалогот Белград-Приштина, на почетокот на денешната средба со новинарите, Филе потенцираше дека Колеџот на комесари на Комисијата денеска го усвоил само извештајот за Македонија, па токму затоа, вели, го претстави само тој извештај.
(МИА)