Митрополит г. Петар: Воскресението Христово ни ја дава вистинската смисла на животот
Преспанско-пелагониската епархија, големиот христијански празник Велигден го прослави во централниот битолскиот Храм „Св. Великомаченик Димитриј“ каде богослужеше митрополитот г. Петар и кој точно на полноќ на сите православни верници им го честита празникот над празниците поздравувајќи ги со зборовите „Христос воскресна!“.
Во своето пригодно обраќање митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар истакна дека воскресението Христово ни ја дава вистинската смисла на животот и нагласи дека животот не е повеќе само збир на историски настани туку е заедница до Бога.
- Да го живееме воскресението значи човекот да се обожи, а светот околу себе да го освети. Ние денес живееме во едно чудно доба, во едно време на кризи на духот и културата. Во нашата свештена историја имало периоди на т.н. повторно вреднување на вредностите, но само во нашето време се појави загубата на вредностите. Со леснотија може да се воочи колку денес е изгубена концепцијата за духовните вредности, за верата, за нацијата, за правдата и правичноста, за бракот, за семејството, за чистотата и чистата природа, за љубовта кон Бога и ближниот. Намалена е вредноста и на самиот живот кој е најголем дар од Бога и стремежот да се избегне од обврска да се живее достојно и одговорно во секој поглед. Присутно е бегството од литургискиот живот и се постојано е итањето по светот на фантазијата, рече меѓудругото митрополитот на преспанско пелагониската епархија и администратор австралиско-новозеландски г. Петар.
Преку воскресението Христово се надминаа сите проблеми на човекот, а овој ден, Велигден е избран ден, празник е над празниците, торжество над торжествата, истакна митрополитот г. Петар на централна велигденска свеченост што синоќа се одржа во Храмот „Св.Великомаченик Димитриј“ во Битола.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа