Велигденска честитка од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи

 

Велигденска честитка до Бискупијата скопска и бискупот скопски и апостолски егзарх Г-дин Киро Стојанов денеска пристигна и од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

- Почитуван Превозвишени Бискупе, Во овие возвишени празнични мигови дозволете ми Вам лично, на Вашето свештенство и монаштво, како и на сите верници од Католичката црква во Република Македонија да Ви упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник Христово Воскресение – Велигден. Воскресението Христово претставува радост, вистинска светлина, љубов и возвишен дар за секого, се вели во телеграмата.

Жртвата што Христос ја даде за целиот свет, стои во телеграмата, ни го осветли патот кон спасението и кон целосното овоплотување со Бога.

- Суштината на нашите животи и суштината на нашата вера би биле бесмислени ако не победеше животот над смртта преку живиот пример на распетието и воскресението Христово. Денеска кога светот се соочува со големи предизвици, пораката на Христовото Воскресение-Велигден никогаш не била повеќе потребна и поактуелна. Задача на сите луѓе без оглед на верата е да ја шират пораката за мир и љубов, бидејќи само тоа е патот кој може да води кон ослободување од целиот хаос кој владее во светот, се додава во телеграмата.

Само преку љубовта кон ближниот и правењето на добри дела, се посочува, можеме да се доближиме до Бога.

- Силата и истрајноста Исусова на крстот ни даваат сила да истраеме во нашето соочување со секојдневните искушенија и предизвици на лично и глобално ниво. Во таа насока, сакам да го истакнам Вашиот личен придонес, како и придонесот на Католичката црква во Република Македонија кои даваат посебен тон во јакнењето на мирот, меѓусебната љубов и соживот кај нас и во целиот свет. Нека Ви е честит овој голем празник и Ви посакувам овие денови да ги поминете во духовен мир, радост и благосостојба. Христос воскресна-навистина воскресна, се нагласува во телеграмата со честитки од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи по повод големиот христијански празник Христово Воскресение - Велигден. 

18.04.2014 - 12:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега