Иванка Додовска: Донкихотовски Заев несвесно веќе ја најави својата оставка

 

Изборниот резултат за Ѓорги Иванов со предноста која што ја има од првиот изборен круг, не е изненадување, туку напротив реална состојба на политичките сили на теренот. Иванка Додевска, политички аналитичар во интервјуто за Прес24, вели дека единствената вчудоневиденост од изборниот резултат има кај раководството на СДСМ и нивниот кандидат за претседател Пендаровски, но, во овие услови тоа до некаде е и разбирливо бидејќи истите во текот на првиот круг играа на картата на нејаснотии и континуирано се потпираа зад прогнози кои немаа сериозна  аналитичка издржаност, што се покажа како мошне погрешно политичко дејствување.

Додевска во интервјуто потенцира дека кај СДСМ се појасно се гледа безидејноста, конфузијата изразена во неделниот говор на Зоран Заев по изборите.

- Говорот на г-динот Зоран Заев во вистинска смисла на зборот претставуваше говор на поразот. Далеку од тоа дека нему не му беше јасно дека повторно врз неговите плеќи ќе се истури товарот на загубата. Но, тоа што се прочита помеѓу редови исто така, беше и очајот од безидејноста, од изгубеноста во преводот, како и неговата изолираност како лидер на најголемата опозициона партија во Република Македонија. Со еден збор, Зоран Заев во неделата на 13 април заврши со донкихотската епоеја и несвесно ја најави својата оставка од кормилото на СДСМ, вели Додовска за Прес24.

Таа во интервјуто ги анализира изборноте резултати, политиките на партиите и можните сценарија по изборите на 27 април.

ПРЕС24: Над 120.000 гласа разлика покажа првиот круг од претседателските избори во корист на Ѓорге Иванов. Дали овој резултат беше изненадување?

ДОДОВСКА: Сметам дека разликата помеѓу Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски од над 120.000 гласови во првиот круг од претседателските избори само ги потврди  очекувањата кои беа истакнати уште од самиот почеток на претседателската трка од страна на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Оваа разлика е најсоодветниот одговор кој го овозможи расчистувањето на ситуацијата околу соодносот на претседателските претенденти, како  и околу ставот на граѓаните за тоа кој е нивниот претседателски фаворит. Од она што можевме да го видиме на самиот крај од изборниот ден на 13 април, единствено вчудоневидено остана раководството на СДСМ и нивниот кандидат за претседател г-динот Пендаровски, но, во овие услови тоа до некаде е и разбирливо бидејќи истите во текот на првиот круг играа на картата на нејаснотии и континуирано се потпираа зад прогнози кои немаа сериозна  аналитичка издржаност, што се покажа како мошне погрешно политичко дејствување.

ПРЕС24: Во вториот круг за 14 дена Иванов и Пендаровски влегуваат од нула, но сепак со психолошка предност за Иванов. Кои се Вашите проценки, дали оваа разлика ќе расте?

ДОДОВСКА: Во вториот круг од претседателските избори актуелниот претседател Ѓорге Иванов и неговиот политички претендент Стево Пендаровски влегуваат теоретски од нула, но реално и двајцата стартуваат од многу различни позиции погледнато во реална смисла на зборот. Првенствено тука е разликата од повеќе од  120.000 гласови во корист на претседателот Иванов. Понатаму, вториот круг од претседателските избори е поразличен од првиот круг бидејќи во истиот паралелно ќе се засилува и трката за парламентарните избори која што на овој изборен циклус се поинтензивно ќе му додава енергија и големи очекувања кои ќе го активираат и оној дел од гласачкото тело во Република Македонија кое не се мотивираше доволно за да се изјасни во првиот круг од изборната трка за претседател на државата. Сметам дека исто така не треба да се потценуваат и гласовите кои ги освоија трето рангираниот претседателски кандидат од ДПА, г-динот Халими, како и гласовите на Поповски од вонпарламентарната опција ГРОМ, бидејќи тие, исто така, во вториот круг ќе ја достават својата порака, која ќе има влијание врз зголемувањето на разликата помеѓу Иванов и Пендаровски. Во секој случај, постигнатата разлика ќе биде тешко премостлива за опозицискиот кандидат Пендаровски и без разлика дали ќе се повтори изборниот резултат или истиот ќе расте на сметката на едниот или другиот кандидат, веќе сосема е јасно дека претседателот Иванов ќе продолжи и во наредните пет години да ја предводи Република Македонија.

ПРЕС24: СДСМ, како по обичај и овие избори ги оцени како не фер. Лидерот на партијата, Зоран Заев, вели дека овој резултат бил нереален, бидејќи волјата на граѓаните била поинаква. Заев причината ја лоцира во како што вели во систематскиот притисок на власта врз граѓаните.

ДОДОВСКА: Има една народна поговорка која вели: „кој губи има право да се лути“ и истата најексплицитно ја отсликува состојбата која владее во таборот на социјалдемократскиот сојуз. Лидерот на СДСМ, г-динот Зоран Заев говореше во неделата за небулози и изнесе низа на клевети врз изборниот процес бидејќи немаше што друго да каже. Фактите ги однесоа и последните недоречености во врска со тоа каква е реалноста! Тоа не треба никого да го изненадува, а најмалку Заев, кој требаше да биде подготвен во целосна смисла на зборот, кога повторно се нафати и застана на чело на опозицијата во Република Македонија. Сметам дека овде треба и да му покажеме почит што сепак се одважи и излезе пред јавноста, храброст што некои други негови сопартијци ја немаа во минатото иако тоа не ја менува реалноста која в лице му ја депонираше волјата на мнозинството од македонските граѓани.

ПРЕС24: Говорот на Зоран Заев ноќта на изборите и ден потоа, многумина го оценуваат како говор на очаен губитник, полн со говор на омраза и закани?  Што Вие препознавате во тој говор?

ДОДОВСКА: Говорот на г-динот Зоран Заев во вистинска смисла на зборот претставуваше говор на поразот. Далеку од тоа дека нему не му беше јасно дека повторно врз неговите плеќи ќе се истури товарот на загубата. Но, тоа што се прочита помеѓу редови исто така, беше и очајот од безидејноста, од изгубеноста во преводот, како и неговата изолираност како лидер на најголемата опозициона партија во Република Македонија. Со еден збор, Зоран Заев во неделата на 13 април заврши со донкихотската епоеја и несвесно ја најави својата оставка од кормилото на СДСМ.

ПРЕС24: Заев вели ако не СДСМ, нема кој друг? Дали алтернативата на власта е само СДСМ?

ДОДОВСКА: Сметам дека Република Македонија заслужува подобра опозиција во споредба со она што го имавме до сега. Сосема е јасно дека вака како што е поставена, СДСМ и во наредниот период ќе страда од внатрешната „јакобинска диктатура“ и нема да успее да го препознае вистинскиот пат по кој ќе треба да тргне. Доколку продолжи оваа ситуација во недоглед, очекувам нова револуција во левицата која е возможно или да го ребрендира СДСМ или да создаде нов политички ентитет  кој ќе има повеќе сензибилитет за времињата кои доаѓаат и за очекувањата на граѓаните кои во секој случај се мошне високи.

ПРЕС24: Каде Вие ја лоцирате причината за овој веќе, седми пораз на опозиција во низа?

ДОДОВСКА: Причината не е една, туку се повеќе. Првенствено, СДСМ го носи бремето на некои други времиња кои задираат во едноумието. Верувајте, тука има многу зла крв која дури ни до ден денеска не може достатно да се исчисти. Понатаму, лошите политички одлуки во 90тите години, исто така, се уште имаат огромно влијание. Да не ги заборавиме и хазардерските игри на високото раководство на СДСМ за време на конфликтот од 2001 година, па кампањата за по еден вработен во секое семејство, за бројните малтретирања врз граѓаните, лошите политички одлуки и финалето кое тешко дека македонскиот народ ќе им го прости, а нам ни е денешна сурова реалност со име и презиме „Закон за територијална организација на локалната самоуправа во Република Македонија“ од 2004 година. Кога ќе влезете во толкав минус, не седум, туку сто и седум порази не се достатни за да ви стане јасно дека тука некој сериозно си „играл со државата“ и тоа е сумарно главното жариште кое не го дозволува ризикот повторно македонските граѓани да бидат излажани и злоупотребени од власт која ниту ги почитува нивните потреби, а ниту пак се грижи за нивната фундаментална потреба од унитарност и зачувување на стратешките интереси во целост!

ПРЕС24: Ако овој резултат се повтори на вториот круг, тогаш тоа би било повторен пораз на Заев, но и новото раководство кое требаше да донесе промени во СДСМ. Што ќе се случува во СДСМ по изборите? Во кој правец ќе се движи партијата?

ДОДОВСКА: На ова погоре веќе ви го изнесов моето мислење, а времето ќе биде најдобар сведок за она што ќе се случува во редовите на левицата по 27 април.

ПРЕС24: Искуството покажува дека ВМРО-ДПМНЕ има констатнтно гласачко тело од околу 400.000 илјади гласа, што во принцип е 100.000 разлика најмалку во споредба со СДСМ. Најблиску беше резултатот на Црвенковски од 2011, но разликата не падна под 70.000 гласа. Што е она што на СДСМ му е неопходно за да се доближи до ВМРО-ДПМНЕ?

ДОДОВСКА: Визија и нов дух! Тоа е првенствено неопходно во редовите на СДСМ. И секако меѓусебното смирение, бидејќи знаете, за да можете да се помирите со светот, морате најпрвин да се помирите со самите себе си! Дури тогаш кога ќе стивне крволочниот нагон, кога ќе се смират конзервативните зацементирани еднолинијашки ставови и кога ќе се сталожат страстите во нивниот табор, кога еднаш за секогаш ќе расчистат со удбашките методи, со братоубиствените нагони и со теоророт на стравот и едноумието во Република Македонија ќе видиме една нова и значајна бројка во споредба со недостижниот скор кој го држи ВМРО-ДПМНЕ.

ПРЕС24: На 27 април заедно со вториот круг од претседателските избори се одржуваат и вонредни парламентарни избори. СДСМ се надеваше на мала разлика меѓу Иванов и Пендаровски, за да може да издејствува по поволен резултат. Ако се анализираат гласовите на Пендаровски, тогаш заклучокот би бил дека гласачкото тело на СДСМ, како партија, на овие избори нема да помине 300.000. Дали на вонредните парламентарни избори може да се случи власта да ги освои оние 63 пратеници за кои бара доверба?

ДОДОВСКА: ВМРО-ДПМНЕ на чело со премиерот Никола Груевски јасно ја изразија поставената цел за освојување на 63те пратенички мандати уште на самиот почеток на изборната кампања. Според моето мислење овој дострел е сосема возможен и истиот споредено со анализите кои ги имавме на увид од релевантните аналитички центри како и од бројката која ја освои нивниот претседателски кандидат, проф. Ѓорге Иванов од 449.068 гласови, плус или минус некој пратенички мандат е сосема остварлив.

ПРЕС24: Овие претседателски избори покажаа и дека ДУИ има дисциплинирано гласачко тело од околу 130.000 гласа. Но она што изненади е слабиот резултат на Илијаз Халими и ДПА. Што се случува со партијата на Мендух Тачи, која за волја на вистината никогаш не победила на избори кај албанскиот политички блок, но едно време беше доминантна и моќа политичка структура?

ДОДОВСКА: ДПА како една од најжилавите политички партии во Република Македонија покажа дека поседува демократски капацитет преку кој мошне децидно ги застапува потребите на малцинскиот албански електорат во Република Македонија. Респектабилен е нивниот однос кон македонската јавност, како и кон реалните заложби на нивното гласачко ткиво. Но, сепак, не смееме да заборавиме дека институционалната моќ во албанскиот блок дефинитивно ја владее ДУИ, која повеќе од шест години, континурано ја има извршната власт во Македонија и со тоа го контролира највиталниот дел од албанскиот електорат во нашата држава. Оттаму, не беше мала храброста на оној дел од македонските албанци кои се одважија и излегоа и решија да гласаат на првиот круг од претседателските избори! На тоа би го надоврзала и конфликтот кој настана непосредно пред парламентарните избори помеѓу лидерот на ДПА, Мендух Тачи со неговиот сопартиец и градоначалник на Струга, Зијадин Села, околу изборната листа во петтата изборна единица. Видовме дека во охридско-струшкиот регион, кандидатот на ДПА, Илијаз Халими освои многу малку гласови, што упатува на директното влијание на погоре споменатиот раскол помеѓу Тачи и Села. Ќе видиме во текот на наредната фаза како ќе се одвиваат работите и внатре во ДПА но и помеѓу овие две политички опции во албанскиот блок, но во секој случај не треба ништо да не изненадува бидејќи најголемата динамика, лично, ја очекувам во овој дел од политичката јавност во Република Македонија.

ПРЕС24: Она што би требало да биде предмет на анализи е слабата излезност на овие избори. Нецели 49% во ситуација со 4 кандидати. Колкава е опасноста во вториот круг да не биде постигнат потребниот цензус од 40 % за успешност на изборите?

ДОДОВСКА: Сметам дека излезноста во првиот круг од претседателските избори во никој случај не треба да ја мешаме со она што ќе се случува на 27 април бидејќи традиционално претседателските избори од секогаш биле помалку атрактивни од парламентарните или од локалните избори во Република Македонија. Она што се случи на 13 април беше сосема очекувано и се одвиваше на веќе горе доле чист политички терен. Токму затоа сметам дека она што ќе се случува за време на вториот круг кога паралелно ќе се одвиваат и вонредните парламентарни избори на 27 април, ќе биде далеку над потребниот цензус!

ПРЕС24: СДСМ засега тврди дека ќе се бори до крај, но опцијата за стихијен бојкот на вториот круг не е за потценување. Што ќе се случи ако СДСМ индиректно ги бојкотира претседателските избори, и така да дојде до пропаѓање на претседателските избори. Во таков случај ДУИ би биле апсолутен победник, а Македонија би влегла во една нов аполитичка криза?

ДОДОВСКА: Не верувам дека СДСМ ќе си го дозволи тој луксуз и ќе го направи тој самоуништувачки чекор. Особено и поради тоа што и самото раководство не е сосема освестено за реалните позиции на кои што стои во моментов. Но, доколку се случи таков неверојатен пресврт, а ние не сме видовити и немаме гаранции што се може да се случи, особено кога станува збор за политика, тогаш истото ќе значи дека за џабе сме си поминале повеќе од две децении во тешка транзиција и на институционален и на демократски план и дека иднината на нашата татковина, на Република Македонија е во туѓи раце. Во такво сценарио, простете ми, но не можам да поверувам!

ПРЕС24: Иако на следните парламентарни избори својата среќа ќе ја бараат две помали партии кои претендираат да бидат трета опција, Алијансата и ГРОМ, сепак резултатот кој што го постигна Зоран Поповски ниту од далеку не дава такви надежи. Моето прашање е, зошто ако голем дел од гласачите не излегуваат на избори, не ја препознават ниту сериозноста за трета опција?

ДОДОВСКА: Претпоставувам бидејќи истата не е ниту посебно свежа, а ниту пак нова. Во секој случај, респектабилен е напорот на овие две нови политички опции, но колку истите во реалноста можат да му возвратат на електоратот е едно сосема друго прашање. Во моментов не верувам дека македонските граѓани, по долгогодишното искуство во плурализам ќе се стават на ризик и практично ќе си дозволат да го фрлат својот глас во ветар и оттаму сметам дека уште нема достатно созреана клима која би артикулирала една сериозна трета опција во Република Македонија. Едноставно, за се е потребно време!

 

 

18.04.2014 - 12:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега