Вељаноски го честита Велигден
Претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски, по повод најголемиот христијански празникот, Воскресение Христово–Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква-охридска архиепископија, г.г. Стефан, членовите на Светиот Архиерејски Синод, и до сите православни верници во Република Македонија и во дијаспората.
- Велигден е ден на радоста и најсветол ден. Христовото Воскресение ни подари вечен живот, за ние животот да го славиме со чиста душа и добра мисла, да си помагаме еден со друг, да го почитуваме семејството, и да живееме во спокој и мир. Како христијани треба да сме насочени кон праведноста и добрината и да ги почитуваме највисоките морални вредности, стои во честитката.
Денес, се вели во честитката, кога го славиме овој најголем христијански празник потребно е да бидеме сплотени и цврсто обединети во стремежот за јакнење на православните христијански вредности, но и чување на духовното и културното наследство и идентитет на македонскиот народ.
- Убеден сум дека, Македонската православна црква со своите заложби и понатаму ќе биде стожер за мир меѓу луѓето и за вековната истрајност. Вам, како и на сите православни верници од Македонија и светот, Ви посакувам овие свети денови да ги поминете во духовен мир, со многу здравје, радост, среќа и бериќет во секој дом. Нека ни е честит и вековит празникот, стои во честитката од Вељаноски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа