Во Битола доделени станови за семејства од социјално ранливи категории

 

Генералниот директор на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов во придружба на министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, градоначалникот Владимир Талески и пратениците Антонио Милошоски и Лилјана Кузмановска, денеска во Битола ги доделија клучевите од становите на семејствата кои ќе живеат во комплексот згради што во Нова Битола ги изгради Владата на Република Македонија, а се наменети за категоријата социјално ранливи групи.

Таканаречените „социјални станови“ се доделуваат по завршувањето на постапката која заврши во текот на вчерашниот ден, односно Вишиот Управен суд потврди дека во постапката нема никакви пропусти ниту грешки и дека граѓаните се стекнуваат со станарско право, истакна директорот на ЈП за станбен и деловен простор, Цветко Грозданов.

- Изградени се 78 станови во кои исто толку семејства ќе го најдат својот мир, своето спокојство и ќе можат со своето семејство да ја планираат својата иднина. Ние ќе продолжиме со реализација на овие проекти наменетени за социјално ранливите категории. Среќни сме со станарите за ова случување, посочи Грозданов.

Според актуелниот и кандидат за пратеник Антонио Милошоски реализацијата на овој проект е потврда на неселективните владини политики во социјалната сфера.

- Нашата политика е многу едноставна, за Владата на премиерот Никола Груевски, за ВМРО-ДПМНЕ нема важни и неважни граѓани, нема важни и помалку важни жители на оваа држава. Секоја категорија на граѓани ни е важна без разлика на нивната социјална, политичка или етничка припадност и таму каде што можеме да помогнеме секогаш се трудиме тоа да го направиме. Овие социјални станови се една конкретна помош, за конкретни луѓе, семејства кои што денес се задоволни, а задоволството е и наше затоа што можеме да очекуваме дека овој успешен проект во Битола и во други градови ќе го повтриме во иднина бидејќи се издвоени се буџетски средства од страна на Владата за изградба на дополнителни станови и згради за социјално ранливи категории, посочи Милошоски. 

17.04.2014 - 19:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега