Се намалува бројот на заболени од грип
Вкупно 223 лица со грип и заболувања слични на грип се пријавиле последнава недела, од 7-ми до 13-ти април, што е намалување за 24,9 отсто во однос на претходната и 53,4 проценти во споредба со 15-тата недела минатата сезона.
Институтот за јавно здравје соопштува дека не е регистриран ниту еден смртен случај асоциран со инфекција со вирусот на грип. Вкупниот број починати оваа сезона останува 12.
Во сезоната 2013/2014, заклучно со минатата недела, вкупниот број заболени од грип во Македонија изнесува 28.748 што е за 16,6 отсто повеќе во однос на истиот период лани и за 59,6 проценти во однос на просекот за 10-годишниот период. Најмногу болни се на возраст од 15-64 години, 65,1 отсто, а најголем морбидитет 238,2/10.000 е регистриран кај децата до 4-годишна возраст.
Бројот на заболени во 15-тата недела во однос на просечниот во изминатиот 10-годишен период, е поголем за 2,7 пати.
Најголем број заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на Центарот за јавно здравје Скопје, 4.105 и Прилеп, 3.961, а најголем морбидитет 751,3/10.000, во Подрачната единица Кавадарци.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа