ВНИМАВАЈТЕ: 14 заболени од морбили за само 5 дена

 

Во последните пет дена регистрирани се 14 нови случаи со морбили, информираат денеска од Центарот за јавно здравје - Скопје.

Според информацијата на Центарот, седум од случаите се на возраст од 30 до 43 години, а останатите седум се деца до шест години.

Осум лица од заразените биле невакцинирани, пет не подлежат на вакцинација, односно се помали од 13 месеци и едно лице било вакцинирано само со една доза МРП.

Како што информираат од Центарот, на Инфективната клиника во моментов се хоспитализирани осум лица.

Откако беше прогласена епидемија на 25 март до вчера, во Одделението за епидемиологија при Центар за јавно здравје - Скопје, од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје и ГОБ „8 Септември“ биле регистрирани 39 случаи заболени од морбилли.

Од 6. јануари регистрирани се 64 случаи на мали сипаници, кои се клинички, лабораториски и епидемиолошки поврзани. Четириесет од нив не се вакцинирани, 12 не подлежат на вакцинација, односно се помали од 13 месеци, за четири нема податок и осум лица се вакцинирани со една доза на МРП.

42 од заболените лица се на возраст од 19 до 43 години, 21 се до шест години и едно лице е на возраст од 15 години.

Од 31 март до 4 април во Здравствениот дом - Скопје биле вакцинирани 197 деца на возраст од 12 месеци до 3 години и 161 дете на возраст од 6 до 13 години.

Со лица заболени од морбили се зафатени 10 македонски општини.

11.04.2014 - 14:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега