Навиката за читање кај дечињата се стекнува од најрана возраст

 

Најмладиот поет за деца денеска има најмалку 60 години. Тоа е навистина трагично, бидејќи посветеноста на детската литература е и хуман чин, но бара и творечка енергија која треба да биде сериозна, смета Славе Ѓорѓо Димоски, претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, по повод Светскиот ден на литературата за деца кој се одбележува на 2 април.

- Мора да се сврти вниманието кон овој  жанр кој во светот навистина има завидни автори и резултати. Кај нас, за жал, поради тоа што сме мало јазично подрачје или поради тоа што пробива литературата од другите јазици, се забележува отсуство на детската литература. Некогаш имаше специјализирана издавачка куќа која на некој начин собираше и постари и помлади автори, но сега сме сведоци дека тоа е само инцидентно, како проекти, не многу амбициозни, рече Димоски.

Според него, пишувањето за деца е многу сериозна работа. - Детската поезија бара влегување во светот на децата. Како што живееме во динамично време, така се менува и самиот речник во детската поезија, и самата структура на пеењето. Можеби и тоа е причината што тешко се влегува во тој свет, додава тој. 

- Забележувам дека односот кон книгата не е на ниво на коешто треба да биде. Децата уште од мали треба да се насочуваат кон навиката за читање, а таквата навика денеска отсуствува, нагласува Славе Ѓорѓо Димоски.

02.04.2014 - 15:30
Фото: 
Факултети.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега