Спречен шверц на 440 мобилни телефони - еве што се случувало на скопскиот аеродром

Царинските службеници од Аеродромот Александар Велики во Скопје, во координирана акција со Министерството за внатрешни работи спречиле обид за шверц на 440 мобилни телефони, информираат од Царинската управа.

На 17. мај годинава, на аеродромот „Александар Велики“ со лет од Истанбул пристигнал косовски државјанин кој на царинските службеници им пријавил дека со себе носи стока – мобилни телефони која сака да ја стави во соодветна царинска постапка. Пратката е ставена под царински надзор, а три дена подоцна со соодветни царински документи е пријавена за извоз кон Косово.

Инаку, патникот е претходно посочен како ризичен од страна на полицијата.

-Пред да ја ослободат стоката, царинските службеници извршија детален преглед споредувајќи ја фактичката состојба со приложените документи. Притоа, утврдено е дека пратката се состои од 440 мобилни телефони, од кои 242 телефони НОКИА -101 воопшто не се пријавени во царинските документи, а за останатите 198 мобилни постои сомнение дека повредуваат права на интелектуална сопственост, стои во соопштението од Царинската управа.

Пријавената вредност на мобилните телефони изнесува 11 илјади американски долари, но доколку би се продавала како оригинал вредноста би достигнала околу 60 илјади американски долари.
       
Стоката била задржана, за делот од пратката за кој постои сомнение дека повредува права на интелектуална сопственост е отпочната постапка за утврдување на нејзината оригиналноста. Против сторителот, информираат од Царинската управа, е поведена прекршочна постапка пред Комисијата за одлучување по царински прекршок.

најчитано сега