Триесет и пет невработени лица ги завршија обуките за графички дизајнер - годинава нови сто на обука
Триесет и пет невработени лица успешно ги завршија обуките за графички дизајнер што се реализираа од страна на Сивус едукативниот и развоен центар во соработка со Агенцијата за вработување и министерствата за труд и социјална политика и за информатичко општество.
Директорот а Агенцијата за вработување Влатко Поповски, кој денеска им ги врачи дипломите на кандидатите, изрази надеж дека ќе се зголеми бројот на лица кои по завршувањето на вакви обуки се вработиле.
- Се надевам дека сите денешни дипломци ќе бидат што помалку на евиденцијата на невработени, а многу повеќе во евиденцијата на вработени. Се надевам дека во иднина тие ќе дојдат во Агенцијата за вработување за да побараат грант за самовработување или пак можеби ќе побараат посредување за некоја од компаниите кои најавија влез во Македонија. Една од поголемите компании која најави влез е Ендава од Англија во која се надевам дека дел ќе најдат вработување, истакна Поповски.
И за годинава, како што најави тој, се планирани обуки за околу 100 невработени лица.
Досега, од вкупниот број учесници на обуките, над 60 проценти се вработиле и тоа најголемиот дел во сферата во која се обучувале.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа