ЕУ денеска ќе одлучува за судбината на Македонија и Србија

 

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, денеска во Брисел на состанок на Советот за општи работи на Унијата (ГАК), каде на агендата е и прашањето дали да испратат покана до Европскиот совет на Самитот на 27 и 28 јуни да се донесе одлука за отворање на пристапните преговори за членство со Македонија и Србија.   Како што јави дописникот на МИА од Брисел, вицепремиерот и министер за надворешни работи и трговија на Ирска, Емон Гилмор, ќе го води состанокот на кој според претходно објавената агенда од страна на Ирското претседателство со ЕУ, во делот за подготовката на Самитот на ЕС, се наведува дека “Советот може да биде поканет да донесе одлука за отворање на пристапните преговори со земјите-кандидати“.

Иако најавите се дека се мали шансите за дебата за отворање на европските порти за Македонија, сепак е можно да се види првичната ситуација во Унијата, односно најавената заедничка акција на Грција и Бугарија за поставување ново вето.

Главни точки на денешниот состанок на ГАК се Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ), односно идниот седумгодишен буџет на ЕУ, за кој Гилмор најавува дека ќе се бори да остане 960 милијарди евра, и утрешниот Самит на Европскиот совет посветен на даночното функционирање и енергетиката во Унијата.

Она што е сигурно е дека Европската комисија, минатиот месец во Специјалниот извештај за Република Македонија потврди дека нашата земја напредувала во трите задачи што Европскиот совет ги постави на декемврискиот Самит - добрососедството, напредок во разговорите за спорот за името и исполнувањето на реформите од Пристапниот дијалог на високо ниво, и побара од Советот да додели датум за почеток на пристапните преговори. Но, по ова следеше серија напади од претставници на грчките и бугарските власти дека Филе го фризирал овој извештај и дека реално не прикажал оти “земјата нема демократски капацитет“, па минирањето на Ад хок комисијата од страна на опозициската СДСМ сега е главен аргумент за нова блокада на Македонија.

Единствено што и оди во прилог на нашата земја е блокадата во спроведувањето на договорот Белград-Приштина (денеска европската шефица на дипломатијата Кетрин Ештон во Брисел повторно ги собира премиерите Ивица Дачиќ и Хашим Тачи), поради што Србија може да остане без очекуваниот датум за преговори.

 

 

најчитано сега