Лани загинале 48 пешаци - МВР најавува сериозни мерки

 

 

Во Македонија минатата година загинале 48 пешаци. Во просек годишно животот го губат 40 пешаци, а по нивна вина се случуваат 200 сообраќајни незгоди. Пешаците се една четвртина од вкупниот број жртви во сообраќајни незгоди. Дел од таа бројка се и деца. 

Надлежните институции најавуваат превентивно-едукативни активности за намалување на бројот на загинати и повредени пешаци во рамки на Неделата за безбедност на пешаците, што ќе се одбележи од 1 до 7 април.

Низ центарот на Скопје, сообраќајната полиција ќе дели флаери во црвена и жолта боја, зависно од однесувањето на пешаците, со статистички показатели  и превентивни предупредувања дека секој пешак може да стане жртва ако не ги почитува сообраќајните правила. Неодговорните пешаци ќе добијат црвен флаер со информација дека направиле прекршок и ја загрозиле својата и безбедноста на другите во собраќајот, со информација дека за направениот прекршок би требало да платат глоба од 1.500 до 3.000 денари.  

- Лицата  што ќе добијат црвени флаери веројатно ќе добијат и покана за сообраќајна поука во полициската станица надлежна за нивното место на живеење. Сите полициски станици  за безбедност на сообраќај на патиштата потребно е  да направат најмалку две сообраќајни поуки во текот на таа недела, рече денеска на прес-конференција секретарот на Републичкиот совет за безбедност на собраќајот на патиштата, Љупчо Ставревски.

Портпаролот на РСБСП, Тоше Јанев истакна дека целта на активностите е да се натераат учесниците да ги почитуваат законите.

- Сообраќајни решенија има, но реалниот проблем е што многу од пешаците не сакаат да одат 50 метри повеќе или да се искачат 10 метри за да го поминат патот. Тоа може да се надмине само со превенција и подигнување на јавната свест со постојано  потсетување на пешаците да ги почитуваат сообраќајните правила  и секако, доколку не го прават тоа, да бидат казнети. Доста од граѓаните се жалат за висината на глобите, но доколку се во смешен  износ ќе немаат никакво влијание. Но, доколку не грешите нема да платите ништо, рече Јанев.

Неделата за безбедност на пешаците во Македонија има за цел да го привлече вниманието на сите релевантни општествени чинители кои можат да влијаат во безбедноста на пешаците во сообраќајот. Годинава во акцијата, освен РСБСП, се вклучени министерствата за локална самоуправа, за транспорт и врски, за внатрешни работи, Град Скопје, Авто-мото сојуз на Македонија, Институтот за јавно здравје, Светската здравствена организација, Црвен крст на РМ, Итната медицинска помош и македонскиот центар за култура и развој.

Во текот на Неделата за безбедност на пешаците, ќе се одржат и интерактивни  работилници  со ученици, наставници, стари лица.... за начините за подобрување на безбедноста на пешаците, организирани акции за обележување повеќе пешачки премини во Скопје. Меѓу останатите активности, на тркалеза маса на 3 април ќе се дебатира за улогата на локалната самоуправа во безбедноста на пешаците, а на 6 април јавен настан под мотото „Јас пешачам за....“.

28.03.2014 - 12:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега