Македонија го одбележува Меѓународниот ден на театарот

 

Македонија денеска го одбележува Меѓународниот ден на театарот - 27 Март.  

Брет Бејли годинава е автор на светската порака, а  македонската порака ја напиша актерката на МНТ Звезда Ангеловска: - Јас гледам Театар - секаде, во секое општество, секоја култура, во секоја уметност. Јас гледам Театар - секогаш. И не сакам да го замрзнам како фотографија, за да го чувам како убав или лош спомен, туку сакам да го барам, заедно со другите трагачи, за да живее, дише со секој неповторлив миг, без страв, да се соочам со сите предизвици, да се соочам со непознатото, со себеси, за да биде препознаен или не од другата страна. Пријатели, колеги, вљубеници на Театарот, залудни би биле сите напори за да ја разоткриеме неговата тајна, залудни се и овие мои мали зборови за да се запрашаме или замислиме што сакаме од себеси во него. Единствено ни  преостанува да го признаеме, не само со рефлекторите или другите магични средства, туку длабоко во срцето, нека ни затрепери, па макар и да боли - Патот до него, пишува меѓу другото во пораката на Ангеловска.

Светската порака напишана од Брет Бејли на македонски јазик ја чита и интерпретира актерот од Битола Марјан Ѓоргиевски, во филм на македонскиот  режисер Иво Бару, во продукција на „Контра кадар“ од Битола. Филмот е поставен на ITI World, Youtube channel  https://www.youtube.com/watch?v=ZNzWLz7I5gc&feature=youtu.be

Македонскиот народен театар денеска од  15.30 до 18 часот  ќе ги отвори вратите за љубителите на театарската уметност.  Посетителите ќе имаат можност да го разгледаат новоизградениот објект на МНТ и  да се запознаат и дружат со неговите актери.

Драмски театар-Скопје, пак, празникот ќе го одбележи со три бесплатни претстави - „Последните Македонци“ од 12 часот, „Чија си“ од 18.00 и „Огнени јазици“ од 21 часот. Меѓу претставите театарот организира и дружење со публиката, разговори за театарот, музика во фоајето, изложби и штанд со книги од „Матица“. Драмски на 15 март ја почна акцијата „Месец на театарот“ која ќе трае до 11 април, до кога сите претстави ќе бидат по цена од 150 денари.

Најмладата театарска институција „Театар Комедија“ воедно ќе го одбележи и вториот роденден. На репертоарот  вечерва таму е комедијата „Хамлет во пикантен сос“.

На Светскиот ден на театарот во театрите низ целиот свет претставите почнуваат со читање на меѓународна, а во некои земји и на национална порака. Македонскиот ИТИ центар од 1997 година го одбележува денот на театарот и со македонска порака.

27.03.2014 - 09:29
Фото: 
Коолтура

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега