Ветерниците во Богданци ќе снабдуваат еден поголем град со енергија
Првиот Ветерен парк во Република Македонија што ЕЛЕМ го гради во Богданци се очекува да испорачува најмалку 100 гигават часови природно одржлива енергија на годишно ниво, што е доволно да се обезбеди снабдување на над 60 илјади граѓани.
Подигањето и монтажата на 16 ветерни турбини заврши на 20 февруари, вчера заврши поврзувањето со електропреносната мрежа на МЕПСО, а денеска увид на местото извршија вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски и генералниот директор на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски.
- Очекуваме во наредните два до три месеци Ветерниот парк да биде ставен во функција со што ќе протечат и првите киловат часови електрична енергија произведена со ветер, рече Пешевски.
Изградбата на Ветерниот парк е еден од проектите за искористување на сончевата енергија во Република Македонија, нешто што ќе претставува и туристичка атракција, рече Пешевски нагласувајќи дека Владата ќе продолжи со реализација на вакви проекти.
Директорот на ЕЛЕМ, Бошковски информира дека од вчера почнал тест периодот и приклучувањето на ветерниците на ниско, средно и високонапонската мрежа, односно дека за два-три месеци ќе може да се вклучат во електроенергетскиот систем.
- На овој начин ќе го зголемиме учеството на обновливи извори на енергија во вкупното производство на енергетска енергија во Република Македонија, рече Бошковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа