Македонија ќе ја интензивира културната соработка со Финска

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во Амбасадата на Република  Македонија во Стокхолм се сретна со финската продуцентка Сирпа Рудман.

На средбата, како што јави известувачот на МИА, беше договорено Рудман во јули да ја посети повторно Македонија и да сними репортажа за природните и културните убавини на Скопје. Со неа ќе дојде и мис на Финска за да ја промовира македонската традиционална носија. 

 Госпоѓата Рудман е силен поддржувач и промотор на Република Македонија во изминатиот период. Таа направи прекрасни репортажи за Охрид, Битола и Прилеп, кои се прикажани во нејзината емисија. Разговаравме за репортажа за главниот град и за деталите за нејзиното повторно доаѓање. На мое огромно задоволство таа ќе присуствува на отворањето на Охридско лето,  рече министерката за култура.

- Најубавите  градби, големите настани и луѓето, се разбира. И затоа е големо задоволство пак да продолжи соработката со што Финците подобро ќе дознаат дека Македонија е прекрасна земја со голема историја. Многу ме радува што ќе дојдам во Скопје и што повторно ќе го видам Охрид, рече Рудман.

Канческа-Милевска се сретна и со шефот на сите почесни конзули на Финска Гајус Гуленбогел, на која разговараа за интензивирање на соработката со таа земја. Гуленбогел посочи дека во Финска веќе има интерес за туризмот и за македонското вино, кое е присутно на тамошниот пазар.

- Разговаравме за зацврстување на соработката, која веќе постои, за Македонија да биде многу подобро позната во Финска, но исто така и во другите земји во овој регион, во нордиските, но и во балтичките, додаде Гуленбогел.

најчитано сега