ГРЕКО: Македонија е на добар пат во превенцијата на корупцијата

 

Република Македонија има добро развиена законска рамка, со која се опфатени повеќето од областите во четвртиот круг на евалуација на Групата на земји против корупцијата (ГРЕКО), стои во најновиот извештај на оваа група, а во врска со направената евалуација за корупција на парламентарци, судии и обвинители, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Двата главни закони, Законот за спречување на корупцијата (ЗСК) и Законот за спречување на судир на интереси (ЗССИ), се нови и даваат доволна основа за нормите и стандардите на интегритетот. Тие се однесуваат на сите јавни службеници (функционери), вклучувајќи ги и пратениците, судиите и обвинителите, а содржат повеќе или помалку детални одредби специфични за судир на интереси, нееднаквости, помошни активности, подароци и анкетните листови за имотната состојба. Се посочува дека и даваат и централна улога на Националната комисија за спречување на корупцијата - самостоен и независен орган во контролата и спроведувањето на овие правила. 

И покрај оваа позитивна правна рамка, имплементација и спроведување на законодавството, се вели во извештајот на ГРЕКО, останува уште да се работи на  стандардите за интегритет и судир на интереси, како и подобрување на јавниот имиџ на пратениците, судиите и обвинителите.

Што се однесува до правилата кои се применуваат за пратениците, оние кои се однесуваат на транспарентноста на законодавниот процес се позитивни, но може да се направи подобрувања за процесот за вклученоста на јавноста.  Парламентарците, оценува ГРЕКО, ефикасно ги исполнуваат своите обврски за појавување конфликт на интереси и пријавата на имот, но сепак постојат сомневања за тоа дали последователните промени во нивната ситуација се пријавени точно.

Според ГРЕКО, неопходно е да се подобрат сегашните методи на следење на содржината на овие изјави. Правила важат и за подароците, но усогласеноста со овие правила не се предмет на контрола. Покрај тоа, се подвлекува, недостатокот на вистинско ширење на „култура на интегритет“ придонесува за негативниот имиџ на парламентарците во јавноста.

Иницијатива за воведување на „лепеза“ на етичките правила беше лансиран во 2012 година, но работата беше прекината по инцидентот во Собранието на 24. декември 2012 година. Работа врз овај документ треба да продолжи и понатаму, сметаат експертите на Советот на Европа, како усвојување на Кодексот на етика, придружуван од надзорен механизам и санкции за недолично однесување.

ГРЕКО констатира дека и за судиите има недостиг на доверба од јавноста, но ова се чини, се посочува, дека главно се должи на заостанатите нерешени предмети и отсуството на мерки за односи со јавноста, а не претставува проблем на системска корупција.

ГРЕКО изразува загриженост за непотребната тежина која му се дава на критериумите за продуктивноста во евалуацијата на судиите. Ова според експертите на Советот на Европа, може да влијае на квалитетот на судиските одлуки и може да ја потхранува негативна перцепција на судството.

Според ГРЕКО, во Македонија се направени значителни напори за да се осигура дека одлуките на селекција, проценка и утврдување на дисциплинската одговорност на судиите да бидат направени врз основа на објективни критериуми. Но, законите не се целосно спроведени, се подвлекува, и останува загриженоста за непотребно мешање и практики на Судскиот совет чии одлуки треба да бидат предмет на поголема транспарентност. Парламентарните регулативи за подароци, декларации на имот и изјави на судир на интереси за парламентарците, исто така, ќе се применува и за судиите.

Обвинителите, оценува ГРЕКО се изложени на услови и правила  слични на оние кои се применуваат за судиите. Јавноста исто така им дава сличен степен на доверба, главно обвинителите се обвинуваат за нетранспарентност и јавна комуникација. Недостаток на ресурси, се оценува, ја попречува особено акцијата на Советот на јавни обвинители и ја спречува потребата за модернизација со компјутерска опрема на обвинтелството. Според експертите на Советот на Европа, постои и недостаток на контрола над спроведувањето на правилата за подароци, анкетните листови и изјавите на конфликти на интерси слични на оние кои беа забележани за другите категории на лица  кои беа опфатени со извештајот.

На крајот од извештајот долг 66 страници, ГРЕКО оценува дека Националната комисија за спречување на корупцијата игра важна улога во политичката борбата против корупцијата во Република Македонија. Сепак, нејзината способност да дејствува за да се спречи корупцијата на пратениците, судиите и обвинителите во праксата е попречено од буџетската и кадровска опременост и ограничувања, како и од одредениот недостаток на проактивност, кои треба да се надминат со цел да се спроведат неколку препораките содржани во овој извештај.

Имено, ГРЕКО на Република Македонија и испорачува вкупно 19 препораки кои таа ќе треба да ги спроведе до 30. јуни 2015 година. На некои од овие препораки Македонија веќе работи, бидејќи извештајот беше усвоен во декември 2013, но објавен денеска во Стразбур.

17.03.2014 - 15:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега