Спасов: 300 граѓани го оствариле правото на месечна парична помош за глувост
Околу 300 граѓани веќе го оствариле правото на месечна парична помош за глувост во висина од 4.000 денари, воведено во јануари годинава. Досега се поднесени околу 1.000 барања, поради што од Министерството за труд и социјална политика очекуваат да се зголемува бројката на граѓани кои го оствариле правото.
- Во текот на наредните недели и месеци очекуваме да се зголеми бројот на реализирани барања, откако ќе се завршат прегледите и ќе се обезбеди комплетната документација, на секој предмет посебно. Ова право беше долгогодишно барање на Сојузот на глуви, кое сега стана реалност поради што сега веќе не разговараме за воведување на правото, туку за негово зголемување, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов по средбата со претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви Васко Марков и членови на Сојузот.
Gодинава, како и минатата година, издвоивме средства за зголемување на бројот на лиценцирани толкувачи. Очекувам во наредниот период Националниот сојуз да го зголеми бројот на лиценцирани толкувачи за 40 лица, а ќе продолжиме и за стандардизација на знаковниот јазик која е опширна постапка и на која работи соодветна комисија од стручни лица, експерти и професори, рече министерот Спасов.
Тој информира дека преку огласот за вработување на 300 инвалидизирани лица, 40 глуви лица добиле работа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа