Од „Баба Рада“ се завршува на клиника

 

1

Користеле креми од надрилекари, па завршиле на клиника. Често на кожно доаѓале и граѓани со компликации од горење на бемки со сомнителни течности од нестручни лица. Десетина вакви пациенти месечно бараат помош од лекарите. Последиците се од алергиски реакции со црвенило до фатален исход. Лекувањето е долго и мачно, пишува Сител.

-Се зависи од препаратот каков е, што содржи, колку време е користен и како е аплициран. Компликациите може да бидат најразновидни. Ние имаме најголем проблем со горењето на бемките, народски кажано, од страна на нестручни лица - вели д-р Наташа Јаковлевиќ, дерматолог од Клиниката за кожни болести.

И покрај нарушеното здравје, граѓаните многу ретко признавале дека биле на надрилекар. Причина за ова е или срамот или фактот дека според законот за здравствена заштита, Фондот не ги покрива трошоците за лекување на последиците од надрилекарство. Случаите не ги пријавуваат ниту на надлежните инспекции.
Годинава и во 2013 во Државниот санитарен и здравствен инспекторат немале пријава за надрилекарство. Овој период никој ниту во МВР не пријавил дека имал последици од користењето здравствени услуги од нестручни лица во несоодветни услови.
Пред неколку години од здравствениот инспекторат во четири случаи интервенирале за вршење здравствена дејност без соодветна дозвола.

-Имало случаи на масовно користење такви услуги во Куманово, Скопје, Штип и во Прилеп - вели д-р Вера Менковска, раководител во ДСЗИ.

На сите четири лица, меѓу кои имало и странски државјани, им е изречена забрана за вршење дејност, а добиле и кривична пријава. Според Кривичниот закон, вршењето надрилекарство се казнува со една година затвор. Од Лекарската комора сметаат дека ваквата казна е многу блага. Комората апелира граѓаните да не користат здравствени услуги од нестручни лица.

-Да се обратат за совет кај адекватен специјалист во адекватна здравствена установа - вели д-р Ленче Нелоска, потпретседател на Лекарската комора.

Минатата недела на тригодишна затворска казна беше осуден надрилекар од Кавадарци. Во подрум лекувал бемка на негов сограѓанин, по што човекот починал.

11.03.2014 - 00:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега