ОБСЕ/ОДИХР ќе ги следи претстојните избори со 331 набљудувач
Амбасадорот Герт Хајних Аренс кој ја предводи мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, денеска истакна дека ќе посвети особено внимание на имплементација на изборното законодавство.
- Голем дел од препораките се градени во законодавството. Имам примерок од Изборниот законик, и доста голем број пасуси се маркирани, што значи направени се доста голем број измени, а како тие измени ќе бидат спроведени во пракса тоа е она со што ќе се занимаваме во тек на ова набљудување затоа што спроведувањето на тие промени е подеднакво важно како и нивното воведување, истакна Аренс.
Во однос на гласањето на дијаспората, првиот човек на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Скопје, рече дека се издадени посебни согледувања и извештаи, но оти исто така останува да се види како тие ќе се спроведуваат во пракса.
- Ние ја имаме согледано правната рамка и можеме да ги следиме административните процедури кои се поврзани со гласањето на дијаспората. Законодавната рамка внимателно ја анализиравме, а се запознаваме со тоа колкумина имаат побарано да остварат своето избирачко право во странство, изјави Аренс.
Според него, ИК е уверена дека Избирачкиот список е веродостоен. Мора да се забележи дека во земјата нема скорешен попис за да се види колкав е бројот на оние што живеат во земјата. Ние внимателно набљудуваме каква е состојбата со Избирачкиот список и колкава е довербата на граѓаните во Избирачкиот список и тоа секако деак игра улога во политичките дискусии кои што се водат. Во колкава мерка ова ќе се преточи во проблем и понатаму останува да се види.
Досега претставници од ОБСЕ/ОДИХР имале средби во ДИК и во МНР, а најавија и разговори со претставници на државни институции, политичките партии, со кандидатите, како и со претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница. За денот на изборите, набљудувачите ќе го следат отворањето на гласачките места, гласањето, броењето на гласачките ливчиња и табелирањето на резултатите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа