Ставрески: Со цврсти и конзистентни реформи ја подобруваме бизнис климата

 

Македонија е мала земја и привлекувањето инвеститори во мала земја која нема излез на море не е лесна работа. Eдинствениот начин се цврсти и конзистентни реформи за олеснување на бизнис климата, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за лондонски „Банкер“ во врска со привлекувањето инвеститори и рангирањето на Македонија на 25. место во извештајот на Светска банка за условите за водење бизнис што според магазинот е многу висока позиција која Македонија ја става и пред некои големи нации како што е Јапонија.

- Прво треба да ги средите работите, треба значително да го подобрите деловното окружување, постојната инфраструктура, и, исто така треба да имате квалификувана работна сила, а не само конкурентна работна сила во смисла на трошоците, туку и со добар квалитет. Така што, ова е она што го направивме во последните неколку години. Инвестиравме многу во инфраструктурата, исто така инвестиравме и во образованието, околу 6 проценти од БДП е инвестирано во образованието, но спроведовме и бројни реформи за поедноставување на постапките, намалување на бирократијата, со цел да го направиме деловното окружување што е можно полесно и поедноставном, вели министерот.

Воведувањето на рамниот данок, додава тој, беше една од најважните реформи во 2006 година, по што следеа реформи во регулаторното окружување, катастарот и имотните права, судството и сите други области кои се важни за инвеститорите.

На овој начин, вели Ставрески, го подобривме рангирањето, од 94 место во 2006 година, на 25 место во светот, многу пред 17 земји-членки на Европската унија.

Тој објаснува дека во основа, предизвикот за Влада е да остане конзистентна и постојано да го приспособува и да го подобрува деловното окружување, бидејќи, како што вели, на тој начин се справувате со постојните предизвици и одговарате на потребите на приватниот сектор.

-На тој начин ние се справуваме со постојните предизвици и со потребите на приватниот сектор. Ова ни помогна да привлечеме некои глобални компании, како што се „Џонсон Мети“, „Џонсон Контролс“, како и други компании, кои не само што инвестираа за првпат во Македонија, туку повторно инвестираат по неколку години, што покажува дека се задоволни со деловното окружување, вели Ставрески.

Тој за „Банкер“ додава дека Македонија има динамична економија. Оствари раст од 3,3 проценти што беше највисок пораст во Европа. Невработеноста се намали, а Буџетот и јавните финансии се стабилни и вкупниот долг е на одржливо ниво, под Мастришките критериуми и значително под просекот во регионот.

Додава дека се применувани многу конзервативни политики кога станува збор за задолжување, а средствата беа наменети за значајни инвестиции во инфраструктурата.

Банкарскиот сектор, додава тој, беше еден од столбовите за порастот, во смисла на тоа да се одржи сигурен и стабилен во услови на криза, обезбедувајќи ја потребната кредитна поддршка за приватниот сектор.

Кредитната активност, додава министерот, не беше толку силна како во некои други земји така што соодносот помеѓу кредитите и БДП во Македонија е сè уште понизок во споредба со други земји.

- Тоа покажува дека има простор за зголемување, меѓутоа, секако, само за профитабилни проекти кои нема да ги зголемат нефункционалните заеми на банкарскиот сектор. Она што го гледаме како перспектива за банкарскиот сектор најверојатно е консолидација на банкарскиот сектор, што не значи многу банки туку повеќе здрави банки. Во овој контекст, отворени сме за нови инвеститори кои се подготвени да ги купат постојните банки или да бидат присутни во  банкарскиот сектор во Македонија, додава Ставрески во интервјуто за „Банкер“.

09.03.2014 - 10:16
Фото: 
Нова Македонија

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега