Груевски: Ветуваме реални и вредни проекти - на ВМРО-ДПМНЕ може да му се верува

 

ВМРО-ДПМНЕ е партија која не ветува лесно нереални работи, но ветеното го исполнува. Сите ветувања ги базира на темелни анализи, затоа што кога го даваме ветувањето ние сакаме да сме сигурни дека ќе се исполни. Затоа и народот ни верува.

ОВа денеска го истакна премиерот и лидер на партијата Никола Груевски на отворањето на политичката академија „Политичката комуникација и организација на современа народна партија", што ја организира Институтот „Павел Шатев“, Фондацијата „Конрад Аденауер“ од Германија, Фондацијата „Едуардо Фрај“ од Холандија и Меѓународниот републикански институт (ИРИ) од САД.

Во своето обраќање пред учесниците на Академијата, Груевски потенцираше дека граѓаните може да очекуваат исполнување на работите, бидејќи тоа веќе е проверено и оти се чувствуваат дека може да се потпрат и на ВМРО-ДПМНЕ и оти нема да им го сврти грбот или барем може да се потпрат повеќе отколку на другите.

- И затоа ви порачувам дека оваа наша верност треба да ви биде водилка во вашата активност  од која не смеете да отстапите ниту милиметар. Утре треба народот повторно да го погледнете во очи, а како ќе го погледнете ако сте го измамиле, сигурно не сакате да се чувствувате како политичките противници, кои бегаат од погледи во очите на народот. Мора да продолжиме со нашиот стил, искреноста, реалноста, темелноста, и бидете сигурни дека народот тоа ќе го препознае и ќе го вреднува, рече премиерот,

На претстојните избори, рече Груевски, СДСМ ќе ветува многу нереални работи, кои не можат да ги реализираат, но ќе ветуваат за да украдат некој глас повеќе. ВМРО-ДПМНЕ знае дека ќе победи и затоа ќе ветува нови работи и реани проекти, кои, како што рече, ќе ги оствари.

- СДСМ ќе ветува многу нереални работи, работи кои убаво звучат, но и тие самите знаат дека не може да ги остварат, но ќе одат на тоа така, да украдат некој глас повеќе. Ние не смееме да тргнемме по тој пат и нема да тргнеме. СДСМ знае дека нема да победи, па затоа ќе ветува брда и долини, тие ја немаат истата одговорност. Со нас не е така, ние знаеме дека ќе победиме и она што ќе го ветиме мора да биде реално и да го оствариме, тоа е одговорност. Ќе имаме програма, која како секогаш ќе носи добри проекти и нови можности за граѓаните, реална, мерлива, остварлива, а како гарант за нејзиното остварување се нашите дела и проекти кои сме ги оствариле претходно. Затоа народот ни верува и ќе продолжи да ни верува, рече Груевски.

Како што рече премиерот, ВМРО-ДПМНЕбира кадар врз основа на квалитет, а не како политичките конуренти кои бираат врз основа на заслуги од минатото.

- Токму кадарот, кој ние како партија го поседуваме е продукт на континуирани сесии на обуки и тренинзи, а главен критериум во процесот на селекција на носителите на функции се способностите, знаењата и квалификациите, кои ги поседува индивидуата. Ова е една од нашите најголеми компаративни предности во однос на нашите политички конкуренти, кај кои и по 20 години присуство на демократската политичка сцена, припадноста на политичките династии и заслугите од минатото имаат предимство пред системот темелен на знаења и компетенции, рече Груевски. 

08.03.2014 - 15:11
Фото: 
MIA

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега