Груевски на конгресот на Европската народна партија во Даблин

 

Премиерот Никола Груевски денеска и утре ќе учествува на 22. конгрес на Европската народна партија  кој ќе се одржи во Даблин, Република Ирска.

Заедно со македонскиот премиер во делегацијата која го придружува се и  членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протоѓер, Влатко Ѓорчев, како и шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

Конгресот претставува подготовка и е вовед во изборите за Европскиот парламент што ќе се одржат од 22-25 мај, настан кој ќе ја одбележи оваа 2014 година во ЕУ. На конгресот на Европската народна партија ќе се избере и нејзин кандидат за претседател  на Европската комисија.

На денешната пленарна сесија на Конкресот има повеќе точки на дневниот ред меѓу кои и  избор на претседател на ЕПП, дискусија и гласање за Акциската програма 2014-2019 по што ќе следи гласање за повеќе резолуции и декларации, а за попладнево предвидени се обраќања пред присутните на повеќе шефови на држави и влади, меѓу кои и на премиерот Груевски, кој како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ја претставува Македонија. На настанот се очекува да присуствуваат повеќе од 2.000 учесници, дел од кои и лидери на институциите на ЕУ, а кои доаѓаат од Европската народна партија, шефови на држави и влади, партиски лидери, министри, национални и европски парламентарци и делегати на партиите членки на Европската народна партија.

Меѓу присутните на Конгресот во Даблин се и германската канцеларка Ангела Меркел, шпанскиот премиер Мариано Рахој, полскиот премиер Доналд Туск, премиерот на Унгарија Виктор Орбан, како и актуелниот претседател на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј.

06.03.2014 - 13:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега