Кривична пријава за македонски кабелски оператор

 

Кривична пријава за фирмата „Алтра Сат 2000“ што емитува кабелски телевизиски сигнал во регионот на Охрид, поради пренесување заштитени програми што е кривично дело „Повреда на правото на дистрибутерот на технички посебно заштитен сателитски сигнал“.

Како што информираат од полицијата, пријавата се однесува на правниот субјект „Алтра Сат 2000“ и на 60 годишниот сопственик Т.Т. од Охрид.

На 29. јануари од „Алтра-Сат 2000“ лоциран во трговскиот центар „Охриѓанка“ се одземени 33 дигитални ресивери со кои, пријавените со намера да прибават противправна имотна корист преку кабелска мрежа неовластено дистрибуирале и ставале на располагање во јавноста заштитени телевизиски канали, ги реемитувале без претходно да добијат одобрение од Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги. Тоа го направиле без одобрение од овластениот дистрибутер на технички посебно заштитен сателитски сигнал.

Овластенитиот преставник на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги констатирал дека кабелскиот оператор “Алтра-Сат 2000“ Охрид реемитува триесет и три канали на кои им е истечен договорот со Агенцијата  за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги.

Според Законот за авторско право и сродни права, неовластено дистрибуираните телевизиските канали се лиценцирани како заштитни производи во Република Македонија. Според законот за радиодифузна дејност субјектите кои реемитуваат програмски сервиси преку јавна радиодифузна мрежа се должни програмските сервиси да ги регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги како целина во вид на пакети и притоа да доставуваат потврда за уредени авторски и сродни права издадена од Министерство за култура на Република Македонија.

Полицијата ги спровела aктивностите заедно со владиното Координативно тело за интелектуална сопственост, Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги и Агенцијата за електронски комуникации.

23.02.2014 - 13:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега