ВМРО-ДПМНЕ: Лажните некролози за Аџиев - најгрозоморно дело на СДСМ
Лажните некролози за измислената смрт на господинот Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на факти, е најгрозоморното нешто што луѓето на СДСМ можеле да го смислат и спроведат.
-СДСМ повторно го достигна дното во своето политичко дејствување. После неколку години на ниска и приземна кампања против лустрацијата, денес епилогот на политичкото лудило на СДСМ дојде на виделина. Каде оди СДСМ? По кој пат тргнала? Зар вака имаат намера да си ја повратат довербата од граѓаните, се вели во соопштението на владејачката партија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, овој потег уште еднаш покажал дека во СДСМ нема компас.
-СДСМ, за жал, нема разум и мудрост, но има фрустрации и омраза. Своите неуспеси ги гледаат во сите други, а треба прво да ги пронајдат во себе. Во ова однесување на СДСМ нема елементарна човештина и елементарна култура, стои во соопштението.
Од партијата бараат СДСМ јавно да се извинат за, како што велат, сите хајки и подметнувања што ги сторија кон господинот Томе Аџиев.
-Од ден на ден станува јасно со каква кампања ќе се служи СДСМ на претстојните избори. Сплетки, подметнувања и приземност. Ние нема да дозволиме да бидеме вовлечени во оваа ниска и приземна комуникација и работа на СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа