Вечерва слушнете ја македонската евровизиска песна

 

Maкедонската РАдио Телевизија вечерва ќе ја претстави песната „Таму кај што припаѓам“, со која Тијана Дапчевиќ ќе ја претстави Македонија на 59-тото издание на Изборот на песна за Евровизија. 

Песната ќе биде промовирана во специјалното издание на музичкото шоу „Хит на месецот“, со почеток во 21:30 часот.

За музиката за песната се погрижија Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а Димитров ги подготви и аранжманот и продукцијата. Текстот за македонската верзија го напиша Елена Ристеска, додека англиската верзија со наслов "To the Sky" ја напишаа Елена и Дарко, во консултација  со Лаура Роска од Романија.

-Во моментот кога Македонската Радио Телевизија објави дека јас ќе ја претставувам Македонија на Евровизија, добив повеќе од педесет понуди за песни од целиот Балкан. Нуту една од нив не ми се допадна, освен трите песни кои ги добив од Дарко. Се одлучивме за повеселата и поведрата“, вели Дапчевиќ, пренесува Курир. „Многу верувам во песната, сигурна сум кога ја пејам и сигурна сум во добар пласман“, додава Тијана.

Вечерва гледачите ќе ги слушнат и двете верзии на песната, англиската и македонската.

-Се одлучивме овој пат Тијана Дапчевиќ да биде единствениот музички гостин, а македонската верзија на песната веднаш да стане предлог на топ листата за кој гледачите ќе може да гласаат. Меѓу другото ќе се потсетиме на актуелната состојба на нашата топ десет листа, ќе ги откриеме останатите важни детали околу нашето претставување на Евровизија, а на гледачите ќе се обидеме да им ја доловиме и главната идеја и мото под кое Евровизија се одржува оваа година, вели уредникот и водителот на „Хит на месецот“, Александра Јовановска.

Во следните денови ќе се снима и спотот за „Таму кај што припаѓам“.

-Ова е исклучително важен викенд за нас, не само што се финализираат двете верзии од песната и по промоцијата ги очекуваме првите реакции од публиката, овие два дена во Македонија пристигнува и екипа од Данската национална телевизија, за да ја сними заедно со Тијана разгледницата за нашата земја, којашто ќе биде емитувана пред настапот на нашата претставничка, вели шефот на Македонската евровизиска делегација, Мери Попова, пренесува Курир.

Изборот на песна за Евровизија  ќе се одржи од 6-ти до 10-ти мај во Копенхаген, Данска. Македонија настапува во второто полуфинале на 8-ми мај.

22.02.2014 - 12:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега