ВМРО-ДПМНЕ: Владата продолжува да реализира инфраструктурни проекти

 

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ континуирано реализира инфраструктурни проекти кои се директно насочени кон подобрување на животниот стандард на граѓаните во Република Македонија и тоа во делот на патната, железничката, комуналната и енергетската инфраструктура, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

ВМРО-ДПМНЕ денеска потсети на проектите кои се во тек или кои се веќе реализирани. 

-Во Република Македонија во периодот од 2006 до сега, пуштени се во употреба 34 км нови автопати, а реконструкирани се 27 км автопатска мрежа со вкупна вредност од 133 милиони евра. Денес во Македонија паралелно се градат три нови автопати со вкупна градежна вредност од 790 милиони евра. На нивната изградба во изминатиот период им претходеше макотрпна работа, која е невидлива за јавноста – подготвување на проекти, расчистување на земјиштето и низа активности неопходни за подготвување на теренот за изградба, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера, додаваат од партијата, започнавме со градба на 47 километарската автопатна делница којa ќе го поврзува Штип со Скопје, инвестиција од 206 милиони евра, а денес ќе отпочнеме со уште еден голем проект значаен за граѓаните и посетителите на Република Макединија, автопатската делница од Кичево до Охрид во должина од 56.7 км, инвестиција во вредност од 374 милиони евра.

Кон крајот на 2012 година, потсетуваат од владејачката партијата, отпочна изградбата автопатската делница Демир Капија - Смоквица, како дел од Коридорот Х со должина од 28,2 километри. Oва значи дека во периодот од 2012 година до сега, односно за повеќе од 1 годинa отпочнати се со градба 132 км нова автпатска мрежа.

Во наредните четири години, велат од ВМРО-ДПМНЕ, Република Македонија ќе добие 50 % зголемување од досегашната автопатска мрежа која изнесува 228 км.

-Во тек е постапката за рехабилитација на автопатот на делницата Велес – Катланово во должина од 23,5 km, а започна и реализацијата на проектот за рехабилитација и зацврстување на 13 мостови на овој дел од коридорот 10, инвестиција од 8.6 милиони евра, велат од партијата..

Исто така, додаваат оттану, покрај реконструкцијата на мостовите во соработка со НАТО од буџетот на Јавнотот претпријатие за државни патишта беше извршена реконстукција на 5 моста, а во периодот што следи ќе бидат санирани и мостовите Мелнички мост, Гемиџии Велес, а ќе се изгради и мост кај Злеово и мост Пишица.

-Во периодот од 2006 до 2013 година завршени се 35 магистрални и регионални патишта со должина од 504 км, и вредност во висина од околу 92 милиони евра. Изградени се 567 км локални патишта со средства во висина од 42,52 милиони евра, а со заокружување на проектот се очекува бројка од околу 408 изградени локални патишта, и 800 км патна мрежа, велат од владејачката партија.

Од партијата велат дека актуелната Влада го започнала и најголејмиот инвестициски циклус во делот на железничката инфраструктура.

-Железничкото поврзување со Бугарија, големата предизборна лага на претходните влади на СДСМ, станува реалност – следниот месец почнува да се гради првата делница од Куманово до Бељаковце долга 31 километар. Веќе е потпишан и договорот за изработка на основниот проект за делницата од Бељаковце до Крива Паланка, а за последниот дел од Крива Паланка до Деве Баир, односно до бугарската граница, целосната документација е доставена до Европската комисија од каде се чека за добивање на финансиски средства преку ИПА фондовите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Со инвестиции од 50 милиони евра се обновува возниот парк на „Македонски железници – Транспорт“ АД и тоа со 150 товарни вагони, 5 нови троделни патнички гарнитури и реконструкција на повеќе постоечки електро-локомотиви. По цели 70 години, се реализира ремонт на железничка пруга во должина од 54 km  долж Коридорот 10, со инвестиции во висина од 17.6 милиони евра – веќе е завршен ремонтот на пругата на секциите  Табановце-Куманово и Миравци-Смоквица, а во тек е ремонтот на пругата од Ногаевци до Неготино, информираат од партијата, додавајќи дека реконструирана и модернизирана ќе биде и Железничката станица во Скопје, што инвестиција од 2,5 милиони евра, а со средства од ИПА инструментот планирано е 10 железнички станици долж Коридорот 10 да бидат рехабилитирани.

-Во делот на комуналната инфраструктура, реализираме изградба на водоснабдителни и канализациски системи таму каде што се најпотребни, Проектот за „Водоснабдување и одведување отпадни води“, инвестиција во износ од 50 милиони евра и со Буџетски средства и средства од KfW банката. Досега изградени и реконструирани се вкупно 149 водоводни мрежи и 178 фекални и атмосферски канализациони системи, а само во текот на 2014 и 2015 година ќе се реализираат уште најмалку 18 проекти за водоснабдување и одведување на отпадни води преку Европската Инвестициона Банка. Повеќе комунални проекти ќе се реализираат и преку Буџетот на Република Македонија за 2014 година од кои би го издвоила новиот проект за фекалната канализација во населено место Сопиште, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во делот на енергетската инфраструктура, пак, велат од партијата, покрај изградбата на магистралните гасоводи и пред се кракот од Клечовце до Штип, Владата на Република Македонија донесе одлука да започне постапка за воспоставување на јавно приватно партнерство за дистрибутивен систем на природен гас во Скопскиот регион  на територија на 17 општини.

-Ние продолжуваме и понатаму, постојано реализирајќи ги сите проекти кои ги имаме ветено пред граѓаните, но и со реализација на нови проекти, кои и покрај тоа што не се во програмата се идентификувани како приоритетни, а сето тоа со цел подобрување на животот на граѓаните во Република Македонија, реализација на нови инвестиции, зголемен економски раст и отворање на нови работни места, велат од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

 

 

22.02.2014 - 11:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега