ВИДЕО: Погледнете како беше уапсен вториот човек на полицијата во Охрид

 

Помошник-началникот на Секторот за внатрешни работи – Охрид денеска е приведен, заедно со уште двајца полициски службеници, едниот од Граничниот премин „Ќафасан“, а другиот распореден во полициската станица „Франгово“, заради вмешаност во трговија со луѓе.  

Како што се наведува во денешното соопштение од МВР, Одделот за сузбување на организиран и сериозен криминал постапувајќи по наредби издадени од судија на претходна постапка извршил претрес на дом и други простории во четири објекти, од кои еден на подрачјето на Тетово и три објекти на подрачје на Струга, при што се приведени четири лица македонски државјани, од кои  тројца се полициски службеници.

Овие активности се резултат на истрагата по случајот за којшто претходно веќе е поднесена кривична пријава на  20 декември 2013 година, против петмина членови на криминална група (А.Г. З.С. В.М. З.А. и Б.Ж), која во угостителскиот објект „Бели 9“ (сопственост на А.Г.) на подрачјето на Тетово, незаконито вработувала странски државјанки, кои не биле пријавени и здравствено и социјално осигурани, за сторени кривични дела - „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти“ и „криумчарење на мигранти“. Притоа биле откриени 25 странски државјанки на кои им е одредена мерка „забрана за влез во РМ“.

Во соопштението се наведува дека дополнително кривично се пријавени уште четири лица македонски државјани од подрачјето на Струга и Тетово. Кривично пријавени се лицата А.И. (35) за сторено кривично дело - „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти“, А.Б. (33) за сторени кривични дела „криумчарење на мигранти“, потоа „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“ и Н.Д. (30) за сторено кривично дело – „злоупотреба на службената положба и овластување“. Исто така и за лицето Б.Ч. (43) е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Струга за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Пријавените, како што информираат од МВР, делото го сториле на тој начин што, од страна на претходно пријавениот А.Г., со цел регулирање на престојот на албанската државјанка која нелегално работела во неговиот угостителски објект на подрачјето на Тетово, преку полицискиот службеник А.Б. кој работел на ГП Ќафасан, било организирано ставање на влезен печат на патната исправа на албанската државјанка, без нејзино присуство. За истото, од страна на А.Г. биле ангажирани лицата З.С. и И.А. кои со возило оствариле излез преку ГП Ќафасан, а веднаш потоа оствариле и влез преку истиот граничен премин, при што на влез, покрај сопствените патни исправи, била приложена и патната исправа на албанската државјанка, на која од страна на полицискиот службеник Н.Д., бил ставен влезен печат, иако истата не била на лице место. Од страна на А.Г., исто така била побарана „услуга“ од пријавениот А.Б., да изврши проверки во системот за гранична контрола на остварен влез-излез од Македнија, за трето лице, со што А.Б. извршил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“, односно извршил пречекорување на границите на своето службено овластување.

Лицето Б.Ч., пак, согласно своите овластувања, а по барање на трето лице,  извршил проверки во службените евиденции на МВР (Регистар) за лица за кои има распишано потерници, со што направил пречекорување на границите на своето службено овластување, а со тоа сторил кривично дело – „злоупотреба на службената положба и овластувања“.

Од МВР информираат дека во текот на денов четворицата приведени ќе бидат предадени на надлежните Јавни обвинителства

 

20.02.2014 - 14:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега