Иванов-Венизелос: Не доликува две соседни земји во 21 век да не комуницираат на највисоко политичко ниво

 

Претседателот Ѓорге Иванов денеска го прими министерот за надворешни работи и заменик-претседател на Владата на Република Грција, Евангелос Венизелос.

На средбата биле разменети мислења и информации околу процесот на евроинтеграции на Република Македонија за време на грчкото претседавање со Европската унија. 

 

Претседателот Иванов и посакал на Република Грција успешно претседавање со Европската унија и изразил очекување дека како претседавачи и покрај фактот што не е во приоритетите, сепак ќе останат посветени на политиката на проширување и потенцирал дека Република Македонија бележи постојан напредок во клучните реформски области, што се потврдува и со петте последователни препораки за почеток на пристапните преговори, и дека клучна препрека за евро-интеграцискиот напредок и натаму останува прашањето за името.

 

- Овозможувањето на паралелно движење на процесот за решавање на билатералното прашање  и процесот на пристапни преговори за членство во ЕУ,  кој се покажува како успешна и позитивна практика, доколку се примени во нашиот случај, ќе биде од корист не само за Република Македонија, туку и за Република Грција и за целиот регион, посочи Иванов.

 

Македонскиот претседател на министерот Венизелос му порачал дека решение за отвореното прашање е можно само со стриктно придржување до рамката во која се води процесот во ООН, со почитување на постоечките резолуции на Советот за безбедност, Времената спогодба, меѓународното право и пресудата од Хаг“. Иванов додал дека навлегувањето во прашањата од сферата на идентитетот и човековото достоинство не е дел од рамката и не придонесува кон напорите за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение. 

 

 

- Не доликува на две европски соседни земји во 21 век да не комуницираат на највисоко политичко ниво. Меѓу нашите земји има огромни можности и потенцијали за соработка во сите сфери од заемен интерес, истакнал Иванов и ја повторил отворената  покана за посета на грчкиот претседател на Република Македонија.

 

На средбата биле разменети мислења и информации околу актуелните случувања во регионот, односно околу европските перспективи на земјите од Западен Балкан.

20.02.2014 - 13:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега