Македонците во САД се пријавуваат за гласање
\Македонците во САД почнаа да се пријавуваат за гласање за претстојните претседателски избори. Според конзулатите во САД, кај македонските државјани постои голем интерес.
Македонците во дијаспората првпат ќе можат да гласаат за претседател. За нив гласањето ќе се одржи на 12. април, ден пред гласањето во Република Македонија, рокот за нивно пријавување е 7. март.т
- Ние во генералниот конзулат во Детроит сме максимално ангажирани да им овозможиме на македонските гласачи да го остварат своето право. Работиме во доцните часови, постојано сме на терен, имаме определени термини за средби со граѓаните. Граѓаните имаат можност да ги преземат пријавите за гласање и во црковните општини Свети Ѓорѓи Кратовски и Света Богородица, а секако, можат да се пријават и преку интернет. Дополнително, во контакт сме и со македонските државјани од големата заедница во градот Виндзор, кои иако живеат во Канада, ќе имаат можност да гласаат и во Детроит, кој за нив е многу поблиску во споредба со конзулатот во Торонто, вели Елена Зарковска, генерален конзул во Детроит.
Македонските граѓани во странство мора да се пријават во амбасадата или конзулатот каде ќе гласаат, и притоа да донесат копија од македонскиот пасош, копија од визата или од зелената карта со која престојуваат во странство, и да пополнат пријава за гласање. Ова мора да се стори до 7. март.
Освен во дипломатските претставништва, граѓаните можат да се пријават и преку интернет страницата на Државната изборна комисија http://www.sec.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=218:prijava&catid=33&Itemid=1278&lang=mk.
Гласањето во Северна Америка ќе се врши во амбасадите во Вашингтон и Отава, како и во конзулатите во Њујорк, Детроит, Чикаго и Торонто, каде се очекува и најголем одзив. Од мисиите во САД велат дека поради пријавувањето преку интернет страницата на Државната изборна комисија немаат точна проценка колку граѓани досега се пријавиле за гласање, но додаваат дека интересот е добар.
- Во моментов фокусот е да ги информираме граѓаните. Секако, и во црковните општини граѓаните можат да подигнат пријави за гласање, а можат да се пријават и преку интернет страницата. Се обидуваме на секој начин да им ја олесниме процедурата на граѓаните, бидејќи секако дека е тешко во работни денови да се дојде до конзулатот, вели Стојанче Китановски, вице-конзул од конзулатот во Чикаго.
Конзулот Зарковска вели дека главна пречка при пријавувањето за гласање за претседателските избори е тоа што дел од граѓаните немаат валиден, биометриски пасош.
- Во Детроит се работи за заедница од која добар дел од семејствата се доселени пред 40-50 години, и некои од нив се уште ги имаат старите југословенски пасоши, а други пак имаат од веќе неважечките македонски пасоши, кои беа во употреба пред воведувањето на биометриските исправи. Овие граѓани нема да можат да гласаат на изборите, бидејќи неопходно е да се предаде копија на биометриски пасош, вели Зарковска.
Таа додава дека во изминатиот период, со мобилната станица која ја користат конзулатите во Детроит и Чикаго, максимално биле ангажирани на пријавување на сите заинтересирани граѓани за издавање на нови патни исправи.
Деновиве во Њу Џерси, а потоа и во Рочестер и Торонто, на средби со граѓаните ќе престојува и пратеникот од американската изборна единица Павле Саздов. Тој најавува дека на средбите со граѓаните ќе се разговара за првите претседателски избори на кои ќе може да гласаат и граѓаните во дијаспората.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа