Пратениците изгласаа испраќање на македонски трупи во Авганистан и БиХ

 

Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 85. седница ги донесе одлуките за испраќање на припадници на АРМ за учество во мировната операција во Авганистан, во состав на меѓународните сили за безбедносна поддршка на Авганистан-ИСАФ и за испраќање на припадници на АРМ за учество во мировната операција на Европската унија во Босна и Херцеговина ЕУФОР, АЛТЕА.

Без расправа ги донесе и законите за националната инфраструктура на просторните податоци на Република Македонија, за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини, за планински патеки, за изменување и дополнување на Законот за вработување и работа на странци, на Законот за социјалната заштита, на Законот за агенциите за привремени вработувања, на Законот за семејството, како и Законот за изменување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, сите во второ читање. 

Пратениците денеска без поддршка на опозицијата ја именуваа Светлана Јаневска за член на Комисијата за енергетика.

Тие ги донесоа и одлуките за именување член на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, за давање согласност на Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија и за давање согласност Статутарната одлука за изменување на Статутот на Агенцијата за електронски комуникации.

Претходно, во текот на денот, Собранието го утврдуваше дневниот ред откако пред пратениците се најдоа вкупно 112 нови решенија за измени и дополнувања на закони предложени од Владата, по скратена постапка. Нивна цел, според Владата, е усогласување на постојните закони со Законот за јавна администрација.

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски продолжението на 85. седница го закажа за утре во 11 часот.

19.02.2014 - 19:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега