МОСТ: ДИК навреме да ги формира новите 504 избирачки места
Граѓанската асоцијација МОСТ апелира до Државната изборна комисија поскоро да го заврши процесот на формирање нови 504 избирачки места.
- Со оглед на тоа што рокот за објавување на описите на избирачките места е 28 март, односно по завршувањето на јавниот увид во Избирачкиот список, апелираме до ДИК да го заврши овој процес што е можно побрзо, изјави денеска на прес-конференција Теодора Поповска, задолжена за односи со јавност во МОСТ.
Формирањето на нови 504 избирачки места е согласно последните измени на Изборниот законик според кој бројот на избирачи на едно избирачко место не може да надминува илјада гласачи.
Граѓанската асоцијација ги повикува граѓаните да ги проверат своите податоци во избирачкиот список. Потсетуваат дека проверката може да се изврши во подрачните одделенија на ДИК или, пак, на интернет-страницатаhttp://izbirackispisok.gov.mk . Увидот во Избирачкиот список завршува на 7 март и дотогаш може да се изврши промена на податоците.
Од МОСТ се уште не ја откриваат бројката на набљудувачи кои ќе ги мониторираат претстојните априлски претседателски избори, но велат дека како и досега тие со свои луѓе би покриле 40 проценти од избирачките места.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа