ОМД кон Венизелос: Треба двајца за танго за да се излезе од сегашниот статус кво

 

Пред посетата на шефот на грчката дипломатија, Евангелос Венизелос, во Скопје, ОМД порачува дека е време  Грција да преземе водечка улога и да ги помогне евроинтеграциите на Македонија.

Обединетата македонска дијаспора го потсетува Венизелос дека и покрај се Грција и Македонија се соседи и оти имаат взаемен интерес од подобрувањето на нивните политички односи што ќе доведе до поголем економски просперитет, туристичка и културна соработка.

- Треба двајца за танго за да се излезе од сегашниот статус кво, вели претседателот на ОМД, Методија Колоски. Тој истакнува дека грчката стратегија на блокирање на Македонија ја загрозува стабилноста во регионот, како и процесот на проширување на НАТО и ЕУ.

Според директорот на ОМД за Европа, Филип Алтипармаковски, откако ја презеде улогата на претседател на Европскиот совет, Венизелос не дејствува како независен и објективен глас на Унијата, користејќи ја секоја можност да ја дискредитира Македонија во Брисел. Тој пред целиот француски Парламент, посочува  Алтипармаковски, ги навредуваше Македонците, нарекувајќи го нашиот јазик псевдо-македонски. 

- И покрај петте препораки за започнување на преговори од страна на Европската Комисија, Венизелос продолжува да ја дезинформира европската јавност и политичари, дека Македонија не ги исполнува Копенхашките критериуми, вели Алтипармаковски.

За потсетување, Венизелос вечерва со автомобил од Приштина треба да пристиге во Скопје. Утре Венизелос ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, вицепремиерот за европски интеграции Фатмир Бесими, министерот за надворешни работи Никола Попоски, како и со лидерите на ДУИ, Али Ахмети и на СДСМ, Зоран Заев. 

19.02.2014 - 09:42
Фото: 
либертас

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега