Груевски: Австрија да ги искористи можностите и да стане прв инвеститор во Македонија

 

Австрија во моментов е втор најголем инвеститор во Македонија. Ние сме овде за да помогнеме таа да стане првa. Овде сме да им дадеме информации на компаниите кои сакаат да ги искористат можностите што ги нуди Македонија, рече премиерот Никола Груевски на бизнис форумот што Владата во соработка со Фајненшл Тајмс го организираше синоќа во Виена.

Во своето обраќање пред стотина австриски бизнисмени, Груевски, истакнал дека Македонија има стабилна економија, стабилна валута, низок  долг од 34,3 проценти од БДП што, како што рече, е многу важно во актуелната ситуација на криза во еврозоната.

- Со доаѓањето на власт пред седум години решивме да ги вратиме долговите. Во 2007, 2008 година имавме позитивни години со суфицит во буџетот. Ги вративме долговите порано и стигнавме до ниво  24,2 проценти и во време на европската должничка криза оневозможивме сериозни штети за македонската економија. Економскиот раст во изминатиот период е релативно добар, рече Груевски.

Премиерот потсети дека во 2007 Македонија имаше 6,1 проценти раст, во 2008, 5 проценти.

- Потоа почна глобалната економска криза. Растот се намали на 0,5 проценти во 2009 што беше најтешка година за нас. Во 2010 почна одредено опоравување и имавме раст од три проценти исто како и во 2011, а во 2012 поради европската должничка криза имавме намалување за 0,3 проценти и конечно минатата година имавме раст на БДП од 3,4 проценти во првите три квартали, што е четврти  најголем раст во Европа, рече Груевски.
Тој смета дека е охрабрувачки тоа што растот на БДП е на широка основа при што сите сектори, како што рече, забележаа позитивни стапки.

Груевски ги информираше присутните бизнисмени дека неодамна и кредитната агенција Фич го потврди стабилниот кредитен рејтинг на Македонија (ББ+) како резултат на подобрените перспективи за економски раст, умерениот буџетски дефицит и државен долг, стабилната валута и стабилниот банкарски сектор.

Тој пред бизнисмените истакна дека Македонија има склучено договор за слободна трговија со сите европски земји не само од ЕУ, туку и со земјите од ЕФТА, Турција, Украина, сите балкански држави.

- Тоа отвора пазар од 660 милиони потрошувачи. Тоа значи дека секој што ќе произведе нешто во Македонија може да го извезе во земјите со кои имаме договор за слободна трговија без царина, рече Груевски.

Тој додаде дека Македонија е и земја со најниски трошоци за водење бизнис, пред се осврнувајќи се на даночниот систем.

- Имаме најнизок даночен пакет за водење бизнис во Европа. Воведовме најповолен пакет на рамни и ниски даноци и ги поедноставивме постапките за нивно пријавување и плаќање преку реформи во даночната администрација. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10 отсто, што е најниско ниво во Европа. Дополнително на ова од оданочување ја ослободивме задржаната добивка која не се распределува во дивиденди. Ова е многу голема поволност за инвеститорите, рече Груевски.

Тој во своето обраќање ги наведе и реформите што ги прави Владата за подобрување на високото образование и за подобра едукација на студентите во земјата, но и надвор, преку обезбедените стипендии за студирање на најдобрите светски универзитети.

- Во изминатите пет години 97 проценти од младите кои завршуваат средно училиште се запишуваат на универзитети. Не завршуваат сите, се разбира, но две третини тоа го прават, што претставува голем потенцијал за компаниите и инвеститорите во Македонија, рече Груевски. 

Груевски се осврна и на гасификацијата, истакнувајќи дека неодамна се потпиша договорот со Русија за вклучување на Македонија во меѓународниот гасоводен проект Јужен Тек.

- Овој гасовод ќе значи обезбедување нови количини на гас и долгорочна енергетска стабилност на земјата. Исто така, се работи и на проекти за развој на магистрални и дистрибутивни гасоводни мрежи за што во наредниот период ќе се инвестираат околу 300 милиони евра, што може да придонесе трошоците за енергија на компаниите да се намалат и до 44 проценти во однос на користењето други видови енергија, рече Груевски.

Потенцираше дека дополнителни поволности за странските инвеститори нудат и технолошко-индустриските развојни зони, пред се целосно ослободување од персонален и данок на добивка во времетраење од 10 години и ослободување од плаќање на надомест за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за добивање градежни дозволи.

- Во изминатите неколку години привлековме многу странски компании во економските зони, но и надвор од нив, истакна премиерот Груевски притоа набројувајќи некои од компаниите како Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Кемек електроникс, Ван Хул, Дрекслер Мајер, Кромберг и Шуберт, Протек, Технохозе...

Груевски упати покана до австриските бизнисмени да дојдат во Македонија и да се уверат во можностите за инвестирање што им ги нуди, ветувајќи дека Владата ќе направи се за да им помогне да ги реализират своите бизнис планови.

На форумот во Виена свое обраќање имаа и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министерот без ресор Веле Самак и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо, кои ги презентираа предностите за водење бизнис во Македонија и можностите за инвестициска соработка 

По Виена, следува бизнис форум и во Минхен, четврти по ред што Владата го организира во соработка со угледниот Фајненшл Тајмс. Првите два беа во Лондон и Париз, во декември минатата година. 

19.02.2014 - 08:42
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега