Свобода: Македонија и е потребна на Европската Унија
За време на грчкото претседателство со ЕУ беше дадено ветување дека сите земји од регионот може и треба да и се придружат на Унијата и ќе биде навистина голем чекор ако Грција не само вети, туку и направи важни чекори за да се направи компромис и да започнат преговорите со Македонија, затоа што навистина потребни сте ни во ЕУ. Потребни ни се сите земји, меѓутоа конкретно Македонија која навистина толку долго чека да ги започне преговорите за членство, рече денеска Ханес Свобода, лидер на групата на социјалисти и демократи во Еворпскиот парламент.
Во своето обраќање на денешната конференција во Скопје на тема „Демократија, владење на правото и слобода на медиумите-клучни критериуми во напредокот на Европската унија“, Свобода посочи дека оваа група во ЕП дава целосна поддшка за брзо зачленување на Македонија во ЕУ и ги повика двете страни да дојдат до решение за името, за што, подвлече, сигурен е дека Владата во Сјкопје прави се тоа да се случи.
Единството на земјата, истакна Свобода, не смее да биде загрозена, а патот кон ЕУ, само ќе го засили единствотото.
Според првиот човек на СДСМ Зоран Заев Македонија во последните осум години е поделено општество, во кое партијата и партиската книшка, како што наведе, диктираат се во земјата.
Заев истакна дека СДСМ не само што бара да се смени овој амбиент во Македонија, туку документирано ги презентира начините на владеење на актуелната власт.
- СДСМ презема и конкретни чекори за враќање на демократијата во Македонија и секако како партија ќе успееме во таа наша намера. Во програмата за СДСМ посебно внимание е посветено на демократијата, на владеење на правото на слободата на медиумите, рече Заев во своето обраќање, додавајќи дека јавниот сервис мора да биде коректор на лошите политики на власта. Собранието пак, рече Заев, мора да носи закони по пат на дебати и максимално вклучување и на експертите и на јавноста. Тој зборуваше и за актуелните состојби во Македонија, при што изнесе низа обвинувања за власта за повеќе прашања.
Известувачот за Република Македонија во ЕП, Ричард Ховит, пак, во своето обраќање на Конференцијата истакна дека во Македонија има силен, авторитативен Парламент што може да врши независна контрола на извршната власт.
- Нашата група во ЕП никогаш не поддржува бојкот на Парламентот. Учеството во Парламентот е од клучно значење. Мора да се учествува без разлика колкави се предизвиците, порача Ховит. Во однос на претстојните претседателски избори, тој повтори дека нема да им кажува на политичките партии што треба или што не треба да прават. Тоа што го сакам, потенцира, е сите партии целосно да учествуваат во изборите.
Ховит истакна дека има напредок во областа на владеење на правото, потенцирајќи дека тоа го кажал и во неговиот извештај за кој ЕП гласаше, но сепак, смета оти постои селективна правда и мора да се биде многу внимателен што се кажува во јавноста во врска со тоа.
- Судството во секоја земја мора да биде независно од политички влијанија и вмешување. Мора да бидеме внимателни, рече Ховит.
Ховит изрази загриженост во врска со слободата на медиумите во однос на рангирањето на земјата според индексот на слободни медиуми
- Овој индекс се чита во целиот свет и сепак се работи за репутацијата што земјата ја добива, рече Ховит, додавајќи оти го поттикнува започнатиот дијалог со новинарите. Забележа дека постои недоволна солидарност меѓу новинарите и оти тие не треба да се одредуваат според својата партиска припадност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа